Слабата инфраструктура и непостоењето на базените во Охрид и во Струга го уназадија развојот на пливањето и преостанатите водни спортови во овој регион, кој повеќе години тапка во место и е останат на нивото на кое беше пред десетина години.
Спортовите на вода, кои треба да бидат водечки во Охрид, се на работ на егзистенцијата, а пливањето кое некогаш беше број еден спорт, одамна е замрено.
– Охрид беше колепка на маратонското пливање, но денес немаме ниту еден пливач охриѓанец, кој ќе настапи на маратоните што се одржуваат во Охрид. Да не бевме технички организатори, ќе бевме само неми посматрачи на сé што ни се случува – смета професорката Соња Думбалова-Делова, која истакнува дека со нефункционирањето на базенот зададен му е шокантен удар на пливачкиот спорт по кој долго време не може да се соземе.
Охриѓани при вода се жедни, а младите сé повеќе ги избегнуваат овие спортови, пред сé, поради немањето никакви пливачки капацитети надвор од летната сезона, што не им дава поттик да се насочат кон оваа спортска дисциплина.
– Охрид е град на вода, а ние уште со години тапкаме во место. Некогаш како професионални тренери патувавме во Струга и по неколку пати во денот, за да постигнеме успеси и резултати во пливањето. Оттогаш се замрени сите работи во тој поглед – вели професорката.
Времињата одамна се сменети. За квалитетен, па макар и масовен спорт на вода, не е веќе доволно разбрануваното сино Охридско Езеро. Пливањето и пливачите кои ја понесоа славата на Охрид низ светот се историја. Легендарните Атина Бојаџи, Климе Савин, Нико Нестор и ред други нема кој да ги замени, ниту од далеку да ги постигне нивните успеси.
М.П.