Министерот за здравство на Грција Танос Плеврис говорејќи за грчката телевизија „Антена“ посочи дека наесен се очекува зголемување на случаите на Ковид-19 во земјата, бидејќим како што објасни, активностите на луѓето од отворените, ќе се префрлат во затворените простори поради пониските температури, но нивната намера е да не постојат мерки што би биле задолжителни, јави дописничката на МИА од Атина.
Објасни дека сè ќе зависи од ситуацијата наесен, но тие сакаат Ковид-19, иако останува пандемија, да го третираат како ендемично заболување, „каде што нема да има потреба од строги мерки или задолжителни мерки и пред сè да има карактеристики на заштита и препораки до населението“.
Изрази надеж дека нема да биде потребно повторно воведување сертификати и казни, но сепак тоа не е нешто што целосно е исклучено.
Не сакаме да влеземе во логиката ниту на сертификати што постоеја во изминатиот период, ниту на казните. Нашата логика сега е да влеземе во друга фаза поврзана со конкретни препораки што во главно ќе се однесуваат на ранливата популација, рече Плеврис.
За актуелната ситуација со пандемијата, министерот објасни дека нивните модели покажуваат дека веќе втора седмица има намалување на случаите, бројот на пациенти приклучени на апарати на одделите за интензивна нега е стабилен, околу 140 и далеку од бројката што врши притисок врз здравствениот систем.
Седмичниот извештај за бројот на нови случаи на Ковид-19, на реинфицирани, на пациенти приклучени на апарати и на починати, Националната организација за јавно здравје на Грција го објавува секој вторник.
OhridNews