– Многу ми е драго што имаме можност да дојдеме во вашиот град и да учествуваме на фестивал кој, со разлика од три години, е возрасен колку мене, изјави по пристигањето Плетњев. “ Знам дека станува збор за многу стар фестивал, на кој имав среќа да дојдам и пред неколку години, од кога имам прекрасни впечатоци. Многу е пријатно да се биде на места во кои живеат луѓе, наши браќа според начинот на размислување и култура и затоа се чуствувам особено пријатно” , истакна рускиот виртуоз.
За концертот со кој ќе биде отворен фестивалот “ Охридско лето” , Плетњев потенцира дека ќе биде исполнет со душа и дека, тој и членовите на оркестарот ќе се погрижат да го прикажат најдоброто што го знаат.
Во врска со скандалот кој деновиве ја потресе светската јавност, неговото апсење во Тајланд, Плетњев даде краток коментар: – Сега немаме време за скандали. Скандалите се ситници. Концеротот е тоа што е боженствено, а скандали има кај секого. Порано или подоцна тоа ќе се разреши. Во дадениов момент, тоа воопшто не е интересно” , рече Плетњев.
Како што е познато, под диригентската палка на Михаил Плетњев, Рускиот национален оркестар и солистот, македонскиот пијанист Симон Трпчески, на 12 јули, во Античкиот театар ќе го отворат 50- то , јубилејно издание на фестивалот ” Охридско лето” .