Претставниците на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Министерството за образование и наука, Студентскиот и Професорскиот пленум се договорија да формираат работна група за анализа на состојбите, која ќе служи како основа за изработка на законски текст за високото образование.
Средбата во Ректоратот на УКИМ која се одржа вчера, траеше неколку часа и на неа присуствуваа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми и заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, ректорот Велимир Стојковски, Стефан Видиков и Ивана Туфекџиева од Студентскиот пленум и Гордана Силјановска од Професорскиот пленум.
На средба која ја иницираше Сенатот на УКИМ, а се одржа во Владата на 6 февруари, беше договорено примената на последните измени на Законот за високото образование (кои Собранието ги изгласа на 14 јануари) да се одложи – за една година спроведувањето на државниот испит, а други одредби, вклучително и обврската професорите да објавуваат научни трудови во списанија со импакт-фактор – да се одложи за две години. Беше договорено Владата, професорите и студентите заеднички да продолжат да работат на подобрување на високото образование.
OhridNews
Извор: „МИА“