Хрватската Влада објави соопштение денеска откако во Загреб ноќеска се урна беспилотно летало. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој престојува во Париз на состанокот на лидерите на ЕУ за ситуацијата во Украина, денеска и се обрати на јавноста, наведувајќи дека се работи за летало од руско производство.

Според она што сега го имаме како информација, се работи за беспилотното летало од воен тип од руско производство. Не се знае дали бил во сопственост на руската или украинската армија. Се знае дека во Хрватска леталото дошло од правец на Унгарија, а во Унгарија од правец на Романија. Знаеме дека неколку минути ја прелетало Хрватска и паднало во Загреб. Добро е што никој не е повреден и паднало на дел што не е ниту куќа ниту зграда. Надлежните служби спроведуваат истрага, изјави Пленковиќ.

Во тек е криминалистичка истрага во соработка меѓу криминалистичката полиција и воената полиција, а се преземаат и други мерки за координација на безбедносниот и одбранбениот систем, вклучително и меѓународната соработка, особено со НАТО, за да се утврдат сите околности, наведоа од Владата на Хрватска.

Претходно беше објавено дека на земјата е видлив голем кратер и дека очигледно нешто удрило и експлодирало. Полициската управа на Загреб соопшти дека добила повеќе пријави од граѓани дека почувствувале детонација во поширокото подрачје на Јарун. Местото го обезбедува полицијата и во тек е истрага.

Засега полицијата нема пријави за повредени на поширокото подрачје на местото на инцидентот. Оштетени се неколку паркирани возила.

OhridNews