Кошаркарите на Струмица и следната сезона ќе бидат дел од прволигашкото друштво, откако со триумф над АВ Охрид 79-71 (19-12, 19-16, 22-23, 19-20) го осигураа опстанок во елитата, додека во Втората лига се селат Пелистер и Вардар.
Домашните кошаркари во грч го започнаа мечот, а „галебите“ го искористија тоа и поведоа со 12-4. Струмичани со серија 15-0 фуриозно го завршија првиот период и го свртија резултатот во своја полза (19-12). Во вториот период охриѓани се доближија до два негатива, но струмичани одново со мини серија обезбедија двоцифрена предност на семафорот (38-28).
Охриѓани и покрај двоцифрената негатива не се предадоа и во третиот квартал анулираа само еден поен (60-51). Во последниот квартал домашните кошаркари го издржаа налетот на „галебите“ и ја задржаа предноста која им донесе победа (79-71) и опстанок во елитата.
Во охридскиот состав се истакнаа Милојевиќ и Брукс кои реализираа 25 односно 21 кошеви, а фантастичен меч во дресот на Струмица одигра Брчков кој постигна 26 поени.
Во последната рунда од сезоната АВ Охрид гостува во Скопје кај составот на Вардар.
OhridNews