Охридските кошаркари го „срушија“ проклетството наречено Струмица совладувајќи го истоимениот состав во „Билјанини Извори“ со 81-77 (21-20, 17-16, 20-18, 23-23) во втората рунда од плејаутот во Првата лига.

Со триумфот на домашен терен охриѓани стигнаа до втората победа во плејатут и се доближија чекор поблиску до опстанок во елитата.

„Галебите“ одлично го отворија мечот постигнувајќи четири поени во низа. Струмичани не потклекнаа од почетниот притисок од Охрид и возвратија со иста мера. После седум минути игра гостите стигнаа до прва опиплива предност на семафорот (18-12). Охриѓани одново притиснаа и со серија (9-2) го свртеа резултатот во своја полза после десет минути игра (21-20).

Втората четвртина во „Билјанини Извори“ наликуваше на првата. Струмичани го презедоа водството и го контролираа резултатот и две минути од крајот имаа плус пет (34-29). Но, пулените на Петар Чочороски со нов ефикасен финиш ја анулираа предноста на гостите и на одмор заминаа со плус два (38-36).

Охриѓани маестрално со 11-0 г отворија третиот период и стигнаа до највисоката предност (49-36). Но, место домаќините да го нокаутираат противникот му дозволија да се врати во игра и на крајот од третиот период да има само четири поени негатива (58-54).

Вистинска драма следуваше во четвртиот квартал, „галебите“ носени од домашната публика притискаа за победа, но и Струмица не се предаваше. Двете екипи одиграа изедначена четвртина, Охрид дури во финишот се одлепи на четири поени (76-72). Во бркотницата на паркетот подобро се снајдоа кошаркарите на АВ Охрид кои заслужено ги освоија бодовите после конечниот триумф (81-77).

Најпрецизен во составот на Охрид беше Девин Брукс со 33 поени, вториот Американец Карлен Шејн реализираше 15 кошеви, а двоцифрен учинок имаа уште Слободан Михајловски и Антонио Донески кои постигнаа по 10 поени.

Во третата рунда од плејаутот во Првата лига охриѓани на домашен терен ќе го пречекаат последнопласираниот на табелата, Вардар.

OhridNews