Кошаркарите на АВ Охрид ја прекинаа црната серија од три порази во плејаут лигата совладувајќи го Шкупи со 102-77 (23-20, 32-17, 18-23,  29-17) во последниот меч на домашен терен за оваа сезона.

Бесот за лошите игри и резултати во плејаутот „галебите“ го истурија против Шкупи, кој е мелем за раните на сите екипи во македонската кошаркарска елита.

Мала доза на неизвесност во СРЦ „Билјанини Извори“ донесе првата четвртина која му припадна на домаќините со 23-20. Во втората, охриѓани доминираа максимално и стигнаа до позитива од 18 поени добивајќи ја со 32-17.

Шкупи во третиот период се разигра, но разликата беше преголема за некаква драма или неизвесна завршница. Последниот квартал беше рутина и заверување на убедливата победа 102-77.

Во тимот на АВ Охрид со 25 поени најефикасен беше Андрејевиќ, Атанасов постигна 21, а Настоски заврши со 14 кошеви. Кај гостите по 12 кошеви реализираа Делоски и Димитриески.

Во следната седма рунда охридските кошаркари гостуваат во Битола кај Пелистер.

OhridNews