Не е во ред да се урива во сред пандемија и во туристичка сезона која ионака е сериозно погодена од здравствената криза, вели Јован Трајаноски, менаџер на плажата Канео. Таму денеска извршители со полициска придружба ја отстрануваа платформата од езерото и бетонските конструкции од брегот.

Во ек на пандемија и криза кога сите напори се насочени кон задржување на работните места, ние наместо да отвориме нови, што го правиме вообичаено во летната сезона, сега не знаеме што и со веќе ангажираните работници. Апелираме до надлежните ако веќе се отстрани платформата од езерото да ни се дозволи да функционира шанкот со што ќе може да задржиме дел од вработените. Доколку не ни се дозволи да работиме тие луѓе ќе останат без работа, а ние без егзистенција. – вели Трајаноски.

Од плажата Канео велат дека се обратиле до надлежните институции, но до сега не добиле конкретен одговор што ќе биде натаму.

Плажата ја уредивме согласно одобрен проект од Министерството за транспорт и врски. Ги имаме подмирено сите закупнини до 2019 година, направивме подготовки за ова лето и сега кога требаше да извадиме некој денар не можеме да работиме. Не знаеме што да им кажеме на нашите вработени. – додава Трајаноски.

Тој посочува дека концесионерите не се виновни што институциите не ја завршиле својата работа и не спровеле навремено постапка за уредување и издавање на плажите. изрази очекување дека сепак ќе седнат на заедничка маса час поскоро, со цел да се изнајде решение за функционирање на плажите претстојното лето.

Доволно е компликувана и тешка состојбата со здравствената криза и не требаше сега да се презема ваква активност. А доколку треба да се преземат некакви мерки тоа да се направи по завршување на сезоната. – истакна Трајаноски.

Како што е познато, локалната самоуправа согласно Планот за управување со Охридскиот регион кој произлегува од барањата на реактивната мисија на УНЕСКО за заштита на вредното природно и културно наследство од светско значење, неодамна почна со отстранување на урбана опрема и градби од првата линија на езерскиот брег кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план и немаат договори за работа. Објектите кои се наоѓаат во опфатот на Генералниот урбанистички план ќе бидат решавани со изготвување на Урбанистичко-планска документација за крајбрежје, согласно Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, информира Општина Охрид.

Акцијата, според најавите на властите, ќе продолжи во континуитет и ќе ги опфати сите објекти кои немаат дозвола за градба и ги загрозуваат универзалните вредности на Охридскиот регион, поради што тој е под закана да биде ставен на листата на заштитени подрачја во опасност.

Г.М.