Преговорите за зголемување на платите во јавниот сектор треба да продолжат утре во формат на работна група, откако на вчерашната седница на Економско-социјалниот совет не беше постигнат договор за методологијата за пораст на платите, но како што информираа синдикалните претставници има поместување од страна на Владата и Министерството за финансии во поглед на нивните предлози и забелешки.

Ставот на Владата е дека ќе поддржат кое било решение што ќе биде системско и одржливо за да ја зголеми ефикасноста, продуктивноста и ефективноста на јавниот сектор.

Предлогот што го изнеле вчера синдикатите е инфлацијата која минатата година беше 14,2 проценти да биде основен параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор, а сите да добијат процентуално зголемување на платите. Тие доставиле и предлог со кој бараат платите на избраните и именуваните лица да се вратат на ниво како пред одлуката на Уставниот суд и зголемувањето на нивните плати да биде исто како за другите вработени во јавниот сектор, информираше претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Слободан Трендафилов.

Според Трендафилов, во прашање се нијанси, но, се уште се далеку од договор.

Прифатлив е моделот од две и пол години за да добиеме методологија како во делот на минималната плата со тоа што ќе имаме просечна плата по коефициент на сложеност по истекот на две години, но како ССМ сметаме дека доколку од септември се случи тоа, да почне примената на Општиот колективен договор за јавен сектор, функционерските плати треба да се вратат на нивото пред одлуката на Уставниот суд и зголемувањето на платите да биде како за нив, така и за работниците, информира Трендафилов.

За претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков формулата просечна плата по коефициент на сложеност на работно место е моделот што треба да се применува во наредниот период.

Тоа што не интересира како СОНК и како Конфедерација на слободни синдикати е периодот на усогласување на платите. Не зборуваме за зголемување, туку за усогласување на плати. Тоа ние мораме оваа година да го компензираме за да дојдеме на исто ниво од лани. Во спротивно, секакво усогласување на плати под овие проценти би значело свесно уназадување на нашиот буџет. Тоа сигурно нема да го прифатиме и мора да го сработиме сето во текот на 2023 година, изјави Неделков.

Според него, транзицискиот период на усогласување во 2024 и 2025 година би бил прифатлив кога ќе биде договорена динамиката за усогласување на платите согласно постоечките колективни договори.

Претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) Марјан Ристески, пак, рече дека Владата понудила методологија и покачување на платите за 5,3 проценти, што истакна, е неприфатливо.

Македонскиот работник го интересира да кажат колку сега во моментов ќе му се покачи плата. Тоа што се предлага за 2025 или за 2028 година, до тогаш можеби 30 отсто од тие ќе одат во пензија, другите ќе ја напуштат државата, за кого ќе важи оваа методологија, изјави денеска Ристески пред почетокот на седницата на Економско-социјалниот совет што се одржа во Владата.

Ристевски рече дека тие бараат конкретно да знаат колку ќе биде покачувањето за да можат да ги известат работниците точно колку плата ќе имаат во сите засегнати сектори.

Од Министерството за труд и социјална по седницата на ЕСС најавија дека дијалогот за пораст на платите во јавниот сектор продолжува, а целта е креирање на одржлив и праведен систем за сите.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи е оптимист дека ќе се најде решение за методологијата за раст на платите во јавниот сектор, но порача дека тоа мора да биде системско и одржливо, не само во корист на вработените во јавниот сектор, туку и во полза на граѓаните кои добиваат јавни услуги.

За него е нејасно од каде се излезени 14-те проценти кои синдикатите бараат да бидат основен параметар за зголемувањето на платите.

Барањето платите на избраните и именуваните лица да се вратат на ниво како пред одлуката на Уставниот суд и зголемувањето на платите да биде како за работниците, така и за функционерите денеска е прв пат ставено на маса.

Не знам од каде се излезени 14-те проценти. На Економско-социјалниот совет денеска, во помал состав, без работодавачите, зборувавме за методологијата за платите во јавниот сектор која се обидувавме да ја усогласиме. Методологија базира на просечната плата помножена со коефициент, со период на прилагодување за да дојдеме до тој модел. Секако, во среда продолжуваат разговорите во формат на работни групи и кое било решение што сметаме дека е системско и одржливо за да ја зголеми ефикасноста, продуктивноста и ефективноста на јавниот сектор, а тоа се задоволни граѓани од услугите од јавниот сектор, ќе го поддржиме. Сметам дека дискусијата за платите на функционерите, 1060 наспроти 136 000, не е работа на дискусија. Секако, решението што ќе го дадеме ќе биде аплицирано за сите, а што е тоа, ќе можеме да го кажеме кога ќе го постигнеме преку дијалог. Преку дијалог ќе дискутираме, прв пат денеска беше даден на маса таков предлог. Треба да видиме што значи тоа вистински. Има институции кои немаат синдикати и треба сеопфатно да се дискутира дали и каков модел би требало да аплицираме, нагласи Битиќи.

Според него, синдикалците не бараат решение со аплицирање една методологија, туку велат „за помалку платените работни места да биде поголемо зголемувањето, за повеќе платените да биде помало“.

Моделот денеска што го претставивме – споредбено, септември оваа година со септември лани, зголемувањето е далеку над процентот на инфлација што го имавме минатата година и затоа е тоа работа на дискусија. Ќе се разговара во среда, во четврток, во петок, за да се најде решение. Мислам дека ќе се најде решение, најдобро во овој момент за сите во јавниот сектор, но и за сите во државата, подвлече вицепремиерот Битиќи.

Министерот за финансии Фатмир Бесими викендот на брифинг со медиумите кажа дека е свесен за социоекономскиот притисок, но оти капацитетите на Буџетот се веќе познати, за плати во јавниот сектор се одвојуваат 960 милиони евра, а 10 проценти ќе значи речиси дополнителни 100 милиони евра. – Затоа зборувам дека одиме кон решение, затоа ни треба транзициски период, рече Бесими.

Според соопштението од МТСП, на вчерашниот состанок социјалните партнери се договориле понатамошните преговори за методологијата за пораст на платите во јавниот сектор да се одвива во помала работна група составена од членовите на ЕСС која ќе работи зачестено, а ќе излезе со предлози до следната седница на ЕСС.

Средбата ќе се одржи во Министерството за финансии со почеток во 9 часот.

OhridNews