Одре Д. од Саланш, на северот од Франција, во знак на протест поради фискалните наметнувања платила данок на доход со 30 килограми најситни монети. Оваа 28-годишна жена, неомажена, без деца и моментално без работа, требало до половината од септември да ги измири своите даночни обврски за 2013 во износ од 1107 евра. Одре, чија плата не надминувала 1400 евра, вели дека за да го плати данокот на време морала да го продаде својот автомобил. Бидејќи нема чекови, ниту кредитна картичка, и бидејќи и било одбиено барањето за репрограмирање на долгот, таа одлучила во знак на протест да плати данок во апоени од 1, 2 и 5 центи.
Таа раскажала дека имала другарка во банка која малку и помогнала. Додала дека шалтерските службеници најпрво и приредиле ладен дочек, но дека подоцна, додека ги броеле парите, неколкумина од вработените започнале да сликаат со мобилни телефони. Таа објаснила дека не е против плаќањето данок, но според неа не било нормално да бараат толку големи износи. Во отворено писмо до претседателот Франсоа Оланд, младата жена пишува дека протестира против зголемувањето на таксите, даноците, против администрацијата која граѓаните ги смета за будали и едноставно затоа што била французинка и сакала да се буни.