Од пред неколку дена плашицата почна да се враќа во каналот Студенчишта кој со години е нејзино зимско престојувалиште. Неа до сега  ја немаше таму, а спортските риболовци и екологистите тоа го припишаа на загадувањето на каналот од глисерите и другите пловни објекти.

Наспроти ваквото нивно мислење, Трајче Талевски – експерт за краповидни риби од Хидробиолошкиот институт, вели дека топлата зима, а не загадувањето, е причина што плашицата ја немаше до сега во каналот и во другите места каде таа обично престојува во зима.

„Место за паника нема, плашицата не е загрозена, туку поради топлата зима е повлечена подлабоко во приобалскиот дел, а таа е забележана и во одредени делови во Албанија“, вели Талевски.

Tалевски смета дека краповидните видови риби во Охридското Езеро не се загрозени, но дека е потребна поголема заштита особено на крапот за време на мрест.

Ohridnews