Отворено писмо до надлежните институции од рибарите

Охридско Езеро, еден од најголемите басени со питка вода , и една карика од главните Светски стратегии за питка вода во времето на глобалните климатски промени, наместо да го заштитиме и изградиме пумпни станици за да го решиме проблемот со питка вода за многу идни генерации,  ние милиони марки странските донации ги потрошивме во копање бунари кои сега пресушија.


Каналот Студенчишта е создаден  од извори пред милиони години пред да постои и  Проаква или Хидробиолошки Завод,  извори  кои ние сега ги окупиравме. И сега нема вода за рибите кои со векови доаѓале презимувале и се мрестеле во каналот и во Студенчишкото блато.  Последните неколку години уништивме нешто што опстанувало со милиони години.  Од 1995 година бараме каналот да се продлабочи, да се изгради марина , да се забрани влегување на пловни објекти на моторен погон и каналот да добие третман ист како изворите кај Свети Наум. Наместо туристичка атракција направивме отпад за стари бродови а последниве години му ги пресековме и изворите со урбанизирање на тој дел од градот.


Почитуван директор на Проаква не бараме да и дадете предност на плашицата пред водоснабдувањето на градот. Но за неколку илјади евра можете да го спасите животот на десетици тони плашица и други видови риби кои се влезени на зимување, и да ја отклоните потенцијалната опасност за помор на милиони пастрмчиња кои треба да се изведат деновиве во мрестилиштето на Хидробиолошки Завод.


Ние рибарите паметиме како за неколку илјади евра наместо со пумпи  да ги премостиме отпадните води од пречистелната станица во Враништа, ние дозволивме за време на поплавата колекторот да пробие на неколку места и да нанесе штета на целиот екосиситем на езерото. Не загрижува изјавата на директорот на Проаква дека неможе технички да се изведе и да се пушти вода во каналот. Тоа значи дека повеќе нема да може да протече вода во толку опеаните и светски познати Билјанини Извори. Таа вода Директоре не оди во Хидробиолошки Завод па потоа да се влева во каналот, туку покрај ресторанот Билјанини Извори по канал се влева директно во каналот Студенчишта . Од тоа место каде што  се влеваше водата од Билјанини Извори  наспроти хангарот од Хидробиолошки  па до уливот во езерото сега каналот е празен, нема жив свет. Снимките и фотографиите од масакрот над плашицата ќе го обиколат Светот и ќе нанесат штета на Туризмот и на многу донации и проекти за заштита на езерото.

Животот нема цена.

ЗРРСК Свети Апостол Петар Охрид
Претседател – Радован Димитриевски

* Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.