Најголемиот православен празник, Велигден, кој ја слави победата на животот над смртта, како никогаш до сега немал поголема симболика, отколку што е тоа денес кога светот ја бие големата битка против злобниот вирус Ковид-19, кој однесе десеттици илјади животи, а милиони се заразени.

А, православните верници и почитувачи на традицијата на овие простори, празникот Велигден оваа година, од превентивни причини, ќе го минат во изолација. Нив денеска ги нема во Св. Климентовиот храм Св. Пантелејмон на Плаошник, каде традиционално се одржува централната богослужба за Велигден во Охрид. Таму денес беа само луѓето кои работеа на новото осветлување и екипите на OhridNews и Мега продукција кои го потдготвуваат директниот пренос што ќе се емитува вечерва од Плаошник. А тој, пак, не изгледал помистично. Но, иако празен и тивок, овој храм зрачи со духовност и енергија, која просто извира од ова свето место по кое некогаш чекорел Св. Климент.

Празничната атмосфера, која во најголемиот духовен центар на православието, Охрид, секогаш е посебна, овој ќе биде пренесена во домовите на охриѓани, каде и да се во светот, од светиот храм на Плаошник. На иницијатива на ЛК „Лихнидос“, „OhridNews“ и „Мега продукција“, а со благослов на Дебарско – кичевската епархија и поддршка на Општина Охрид, вечерва со почеток во 23:30 часот, на нашиот портал ќе биде реализиран директен пренос од Велигденската богослужба во Св. Климентовиот храм Св. Пантелејмон на Плаошник, со која ќе чиноначалствува Митрополитот Плаошко-струшки, Дебарско-кечевски и Администратор Австралиски г. Тимотеј.

На овој начин сакаме да ја пренесеме празничната атмосфера во домовите на охриѓани, кои, за жал, овој пат, поради опасноста која не демне од невидливиот непријател, не ќе можат да присуствуваат на Велигденската богослужба. Веруваме дека сплотени, со позитивен дух и верба, заеднички ќе ја победиме големата закана и ќе излеземе посилни од сето ова. Охриѓани покажуваат исклучителна одговорност, дисциплина и истрајност, а преносот од Велигденската богослужба што ќе го реализираме со сопствени ресурси, е подарок за сите нив и за нашиот град, кој секогаш знаел да се издигне во вакви тешки моменти. – рекоа иницијаторите.

Директниот пренос од Велигденската богослужба на Плаошник, во рамки на кој ќе биде емитувана и празничната порака на градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески, ќе може да се следи на сите онлајн платформи,  преку паметни телефони, компјутер, смарт тв и други соодветни дигитални уреди на ohridnews.com, на нашиот YouTube канал, како и на нашата фан страната на Facebook.

OhridNews
фото: А. Момироска