Конечната верзија на планот за управување со природното и културното наследство на охридскиот регион е доставена до Комитетот за светско наследство во Париз, информираат од Министерствто за Култура.

По усвојувањето на овој план, охридскиот  регион ќе добие многу поконкретен и посоодветен третман на координирано управување од сите институции надлежни за неговата заштита. Планот го изработија министерствата за култура и за животна средина и просторно планирање, користејќи компаративни анализи и искуства од други земји и препораки на експерти од УНЕСКО.

– Убедена сум дека овој План за управување со природното и културното наследство на охридскиот регион ќе биде институционална рамка во која општините Охрид, Струга и Дебрца и останатите субјекти координирано ќе вложат напори да се заштитат и зачуваат охридскиот регион и градот Охрид, кој годинава слави јубилеј – 30 години од впишувањето на листата на УНЕСКО, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Таа соопшти и дека до Владата на усвојување е доставен Закон за управување со културното наследство на охридскиот регион и оти годинава во план е да се подготува и Закон за прогласување на старото градско јадро на Охрид за споменична целина од особено значење.

Ohridnews