Во овие невообичаени времиња кога нашето секојдневние е нарушено, многу спортски настани се откажаа насекаде низ светот. Сепак, на големо задоволство и радост на оние кои активно се занимаваат со спортови во природа, трката во планинско трчање Охрид Ултра-Треил® ќе се одржи од 18-20 септември 2020 година во Националниот Парк Галичица, Преспанско-Охридскиот регион. Пријавувањето веќе е отворено и трае до 07 септември на вебсајтот на настанот www.Ohridtrail.mk.
Ова е второ издание на Охрид Ултра-Треил® кое го сочинуваат 3 планински трки со различни должини од 18км, 66км, а новина е трката од 107 км што ја сместува во „посебната“ група на спортски настани со ултра-дистанци привлекувајќи професионални планински тркачи од цела Европа воедно поттикнувајќи ги домашните натпреварувачи да постигнат значаен меѓународен успех. – појаснува директорот на настанот Дејан Крле.
„Стотката“, како што планинските тркачи ја нарекуваат жаргонски, е трката – знаменосец и започнува од Кејот Македонија во центарот на Охрид, во 23 часот на 18 септември, петок. Натпреварувачите втрчуваат во оваа авантура најпрво низ стариот дел на градот – варошот, преку Самоиловата тврдина па покрај туристичкиот симбол на нашата земја – Канео. Потоа, во текот на ноќта минуваат по макадамски патишта во пониските делови на планината Галичица низ сите села и населби кон живописниот манастир Св.Наум на јужната страна на брегот од Охридското Езеро.
Таму, во рана зора, на 19 септември, сабота, во спокојот на изворите на реката Црн Дрим, им се придружуваат учесниците кои стартуваат на втората трка „Галичица Ултра“- на едно незаборавно патешествие од 66 км. Заедничката маршрута го следи главното било во срцето на Националниот Парк Галичица, откривајќи чудесни пејсажи кон двете езера Преспанското и Охридското – истовремено.
Третата трка – „Летница Треил“ – стартува во 10 часот во сабота на 19 септември од селото Рамне и нуди релативно кратка но еуфорична планинска дистанца од 18 км. Маршрутите на сите трки се соединуваат над селото Велестово и сите планински тркачи пристигнуваат, еден по друг, во текот на целиот ден, на целта во Охрид на Кејот Македонија.
Секој оној кој се чувствува физички подготвен и посакува да го искуси планинското трчање, но и оние искусни момци и девојки кои бараат сериозен психо-физички предизвик можат да дознаат повеќе детали и да се пријават на една од трките на www.Ohridtrail.mk.
Охрид Ултра-Треил® е меѓународна планинска трка која е организирана од здруженијата „ТРЕКС“ од Скопје и „Спорт за сите – сите за спорт“ од Охрид, по безбедносни критериуми според ИТРА (Интернатионал Траил Руннинг Ассоциатион њњњ.итра.рун) каде сите финишери се стекнуваат со квалификациски поени за најпозната светска трка во планинско трчање Ултра Траил ду Монт Бланц® на Алпите. Настанот е под покровителство од Преспа-Охрид Нејчр Траст (ПОНТ), Општина Охрид, Делегација на Европската Унија во Р.С. Македонија, и е поддржан од Претседателот на Републиката, Г-динот Пендаровски.
OhridNews