Екипа од Планинската Спасителна Служба (ППС) викендов интервенираше за извлекување на заглавен автомобил на превојот „Баба“, на планината Галичица.

Од службата велат дека во текот на изведувањето на редовни активности и анализа на состојбата и условите на планината, нивна екипа наишла на заглавен автомобил со двајца патници на превојот „Баба“. Притоа, службено теренско возило асистирало во извлекување на заглавениот автомобил од снежните наноси, од кои целосно е блокиран превојот на патниот правец Р-2332, преку планината Галичица.

Од службата со апел до љубителите на планината и зимските авантури, да бидат крајно внимателни на овој патен правец, кој во моментов на места има големи снежни наноси, замрзната подлога и одрони, кои ја загрозуваат безбедноста на учесниците во сообраќајот. Потсетуваат и дека истиот патен правец е со ограничен режим на сообраќај во зимскиот период, при што сообраќајот е дозволен само во должина од 9 км, од Трпејца до излетничко место „Корита“, додека останатиот дел е затворен за сообраќај.

OhridNews