На 16 септември 2012 на ридско планинските предели на општина Ѓорче Петров ќе се одржи Планинската велосипедска трка „Трофеј Ѓорче Петров 2012“, која се одржува како дел од чествувањата по повод празникот на Општина Ѓорче Петров 20 септември.
Организатори на оваа спортска манифестација се Општина Ѓорче Петров и Здружението за одржлив социо-економски развој „Изгрејсонце“ – Скопје, кое е иницијатор на трката. Трката е од натпреварувачки карактер во машка (Елит) и женска конкуренција, а награди се предвидени и за победниците во категоријата на рекреативни натпреварувачи и кадети. Планинската велосипедска трка Трофеј Ѓорче Петров е поддржана од Велосипедската Федерација на Македонија.
Стартот на трката ќе биде во с. Кучково, во месноста наречена Крстовден, а целта е на Мото-крос патеката Орман. Должината на патеката изнесува 25 км и поминува низ атарите на селата Кучково, Грачани, Никиштани и Орман. Стартот на трката е на 586 м НМВ, а целта на 307 м НМВ. Највисоката точка на патеката е 703 м НМВ. Трасата поминува низ најатрактивните предели на општината и ќе претставува вистинско уживање и задоволство за натпреварувачите.
Пријавувањето на учесниците е во тек и ќе трае до 14 септември (петок) заклучно до 20.00 часот. Сите пријавени натпреварувачи во сите конкуренции можат да учествуваат без плаќање на котизација. Пријавувањето за трката може да се направи со преземање на документите од интернет страните на Општина Ѓорче Петров и Македонската велосипедска федерација.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com