Промоција на убавините на планината Јабланица и споменикот на природата „Вевчански извори“, како и на можностите за развивање на велосипедскиот туризам на ова подрачје е целта на планинската вело тура „Вевчанска голина-локва“ што ќе се реализира во јули во организација на Еко-свест – Вевчани и Рупикапра МТБ Струга.

Турата, како што информира организаторот Еко свест Вевчани, треба да почне од центарот на Вевчани со крајна цел Вевчанска Голина (локва).

Патеката од центарот на Вевчани продолжува по следниот редослед: Вевчански Извори-Есејнца-Смолејца-Јанков Камен-Манастир „Св. Климент“ – Горна Белица-Вевчанска Голина (Видиковец), па назад кон Вевчани преку Средни рид. Патеката е со должина од 30 километри и елевација од 1.100 метри. Секој учесник, доколку сака може да се приклучи и на кратко планинарење од 30 минути од Видиковецот на Вевчанска голина до Вевчанска Локва и да ужива во капење во бисерот на Јабланица, глацијалното езеро Вевчанска Локва, велат.

Пред турата, Еко-свест и Рупикапра МТБ, најавија акција за чистење отпад, расчистување на патеки, поставување на патокази и слично.

Вело турата е дел од проектот „Поддршка на одржливо управување со споменикот на природата Вевчански извори“ финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.

OhridNews