Научниците откриле планета слична на Земјата која кружи во орбитата на Проксима Кентаур, ѕвезда најблиска до Сонцето, што претставува потенцијално клучен чекор во потрагата по одговорот на прашањето постои ли живот надвор од нашата планета, се наведува во студијата објавена во списанието Nature, пренесува „Макфакс“.
„Големи се шансите дека оваа планета е погодна за развој на живот“, изјавил за Reuters научникот Педро Амадо од Астрофизичкиот институт во шпанска Гранада.
Релативната близина на планетата позната како Проксима б на научниците им овозможува подетално да ја истражат и да откријат дали има атмосфера и течна вода, елементи за кои се верува дека се неопходни за развој и одржување на некаква форма на живот. Идните истражувања, исто така, би можеле да утврдат дали во нејзината атмосфера има хемиски споеви како метан, кои се резултат на животните процеси.
„Клучното прашање на нашето истражување беше да се утврди дали околу таа ѕвезда кружат планети на коишто би било можно да се развие живот. Сега знаеме дека барем една планета има карактеристики слични на Земјата“, вели Питер Ворден од Европската јужна опсерваторија (ESO).
Планетата којашто е оддалечена од Земјата 4,2 светлосни години, односно околу 40 билиони километри, или 266.000 пати повеќе од растојанието меѓу Земјата и Сонцето, е најблиска од околу 3.500 планети кои досега се откриени во другите соларни системи од 1995 година.
„Овој планетарен систем е поблизок од кој и да е друг, и поради тоа е полесно да се изврши детално истражување“, вели астрономот Ансгар Рејнерс.
Меѓународниот тим во кој имало 31 научник, предводен од Гилемо Анлгад-Ескуд од Универзитетот на кралицата Марика во Лондон, ја открил планетата по тригодишно внимателно мерење на сличните поместувања во бојата на светлината кој доаѓа од неговата матична ѕвезда Проксима Кентаур, мала бледа ѕвезда од системот Алфа Кентаур. Поместувањата се предизвикани од гравитациското дејствување на планетата којашто има околу 1,3 маса од Земјината.
Проксима б прави круг околу својата ѕвезда за само 11,2 дена, во споредба со циклусот на Земјата од 365 денови. Тоа значи дека планетата е многу поблиску до својата матична ѕвезда отколку што е Земјата. Меѓутоа, Проксима Кентаур е многу помала и помалку сјае од Сонцето, па орбитата на планетата Проксима б е на вистинската оддалеченост за на неа да може да се одржи вода во течна состојба.
Научниците сметаат дека планетата може да има атмосфера и оценуваат дека температурата на нејзината површина е меѓу 30 и 40 Целзиусови степени. Без атмосфера тој показател би изнесувал меѓу 28,9 до 40 степени под нулата.
Сепак, научниците не се сигурни дали може да се развие живот на планетите кои кружат околу ѕвезда од класа на црвените џуџиња, како Проксима Кентаур, бидејќи се претпоставува дека таквите планети се изложени на силната радијација. Магнетното поле и атмосферата би можеле да го заштитат потенцијалниот живот од толку силна радијација, но засега не е познато дали Проксима б има што и да е од тоа.
До откривањето на Проксима б најблиската откриена планета слична на Земјата која кружи околу ѕвезда е позната како Волф 1061, оддалечена 14 светлосни години.
OhridNews
извор: „Макфакс“