Сивата економија почнува на границата, а од спречувањето на корупцијата на граничната линија зависи и опстојувањето на државата. Ако се има предвид дека според проценките на Светска банка 36 отсто од националниот БДП отпаѓа на сивата економија, тоа се милијарди евра чие оданочување би обезбедило стотици милиони евра во државниот буџет. Тоа го истакна Националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров, на денешната прес-конференција на зборуваше за планираните активности на новоформираниот Национален совет за гранично управување.
Пивоваров ја искористи можноста пред медиумите да посочи и дека корупцијата на границата претставува закана и по безбедноста на државата, па и на земјите од опкружувањето.
Доколку на границата има еден корумпиран цариник, полицаец, кои за одредена сума пропуштат шлепер со оружје, дрога, автобус со терористи, тоа претставува закана по националната бебедност на државата и земјите од опкружувањето, рече тој.
Националниот координатор за гранично управување меѓу другото рече дека спроведните анализи во институцијата укажале на потреба од полиграфска контрола на службениците во органите за контрола на границата, односно контрола на чесноста на поединците.
Дури планираме и самиот полиграфист одреден период да биде ставен на полиграфска проверка, за да следи ефектот од проверките. Во куси црти, планираме да ги избегнеме сите можности од какво било влијание и за прв пат во нашата држава да спроведеме чесен, професионален процес што навистина ќе ја реши корупцијата на граничната линија, која мислам дека во овој момент е најголемата закана по нашата држава, рече тој, притоа посочуваќи дека новоформираната институција би требало да биде под контрола на Собранието, за да се оневозможи политичко или какво било друго влијание врз службите задолжени за спречување на корупцијата на границата.
За да се увидат сите аспекти и подготвеноста на државата и институциите за спроведување на проектот за справување со корупцијата на границата, Национален совет за гранично управување ќе спроведе јавни дебати со инволвирани и засегнати субјекти од сите општествени сфери.
Веќе наредната седмица ќе се одржи дебата со научната фела, со експерти и професори по правни науки, по што ќе следуваат средби со автобуски превозници и претставници на Стопанската комора, потоа со невладиниот сектор и со фактори од меѓународната заедница, а завршната средба ќе биде со претставници на политичките партии.
Што се однесува на казнивоста на субјектите вмешани во коруптивни активности, Пивоваров нагласи дека долгите и лошо водени истраги, како и судските постапки со изречени условни казни за корумпираните службеници, негативно влијаат врз борбата против корупцијата.
OhridNews