Со настап на Слаткаристика, Day Off, Van-Gog, Черкези оркестарот и ди-џеи од Македонија, на просторот помеѓу спортската сала и стадионот „Билјанини извори“ синоќа започна охридскиот Пиво фест.

– Туризмот е поврзан со дружење и забава, а двете работи секако ги поврзува пивото. Овојпат нудиме бесплатна забава, со добра дружба и одлично пиво, така што овој викенд Охридскиот пиво фестивал е добар избор за забава, изјави Мартина Мишеска, менаџерот за пивски брендови при „Пивара Скопје АД“.


Пиво потече кај Билјанини извори

Денеска фестивалот ќе го збогатат настапите на „Рибља Чорба“, Качани оркестар и бројни други изведувачи, но организаторот се соочува и со мала непријатност, затоа што истовремено на стадионот „Билјанини извори“ е најавен концерт на членовите на култниот бенд „Бијело Дугме“. Организаторите на Пиво фест велат дека тие договорот за одржување на манифестацијата го потпишале уште минатиот декември и дека тоа им било предочено на организаторите на концертот на „Бијело Дугме“, кои не отстапиле од намерата истиот да го реализираат на 31 јули, што значи дека на мал простор вечерва паралелно ќе се одвиваат повеќе концерти.

OhridNews