Вистинска драма се случила синоќа на крстосницата кај „Охридска банка“ во центарот на Охрид, кога според очевидци три питбула нападнале петчлено семејство од Скопје кое било во прошетка со нивниот љубимец, куче од ситната раса бишон.
Семејството тврди дека кучињата биле исклучително агресивни и немале на себе заштитни маски.
Тоа се силни кучиња, кои се тренираат за борба. Се се’ случи за секунда и како во најстрашните хорор филмови. Имавме среќа што од никаде се појави полициско комбе и иако на полицајците отпрвин не им беше јасно што се случува и беа затекнати од ситуацијата, ни помогнаа да се одбраниме од крволочните кучиња. – вели З. Л. од нападнатото семејство.
Тој додава дека стресот кој го доживеале е огромени и дека целото семејство ќе има трауми од непријатната случка.
Сопственичката на кучињата која живее на педесеттина метри од местото на настанот не покажа грижа на совест, додека ние се уште сме во голем шок. Ќерка ми беспомошно вриштеше со десетмесечниот внук, плашејќи се за него. Физичките повреди некогаш и ке поминат, но стресот кој го доживеавме ние и стресот на нашето мирно куче Леа мислам дека никогаш нема. – велат од семејството.
Од охридската полиција потврдуваат дека се случил немилиот настан, но не соопштија никакви други информации бидејќи истрагата е се уште во тек. Повеќе детали за инцидентот, како и за околностите и причините за истиот, полицијата најави по завршување на истрагата што ја води Јавното обвинителство.
Г.М.
фото: Илустрација