Давид Писонеро новиот тренер на Вардар меѓу првите од тимот пристигна во Скопје пред почетокот на новата сезона. За утре е закажана првата прозивка кога новиот тим ќе ги почне подготовките за сезоната во која ќе брани три важни трофеи, во првенството на Македонија, во СЕХА Газпром лигата и во ЕХФ Лигата на шампионите. Писонеро е третиот шпански тренер што ќе седне на клупата на „црвено-црните”, по Раул Гонзалес и Роберто Парондо

Се чувствувам многу добро во Скопје. Тоа се моите први импресии од оваа недела колку сум тука. Веќе го запознавам и градот, и добив многу добра препорака од моите пријатели како добро место за работа и живеење. – вели Писонерo во интервјуто за клупската интернет страница.

Иако комуникацијата засега е на англиски јазик, новиот тренер има сериозна цел, да го повтори она што неговите претходници веќе го направија – да научи Македонски. Веќе повторува, прашува како се изговара некој збор

Книгата за учење е мој најдобар пријател сега. Се разбира дека ќе дадам се од себе побрзо да научам. Тоа е особено важно за добрата комуникација. Засега добро ми оди. – додаде шпанскиот стручњак. .

Жештините не му сметаат многу, навикнат е на нив и во Шпанија. Веќе има и неколку омилени јадења од македонската кујна. Смета дека брзо ќе се вклопи во новиот начин на живот.

И кога салата во СЦ Јане Сандански не е полна се чувствува атмосферата, навивачкиот набој. Мирисот на двете европски титули го има низ сите ходници и соблекувални.

Ова што тука го има Вардар е навистина извонредно. Кога влегов во салата се возбудив. Го гледаш ова култно место. Се изгледа поинаку кога си тука, на терен, на клупата и горе го гледаш семафорот. Ракометот тука поинаку се доживува, се е посветено на овој спорт. Тоа е разликата со Шпанија. – истакна Писонеро.

Со шест нови ракометари сигурно ќе треба време да се подготви екипата. По Скопје, тимот заминува за Требиње на подготовки и турнир, па на крајот на август ќе игра на Супер Глоуб во Саудиска Арабија.

Клубот направи добра работа што го задржи костурот и тимот на е исто ниво како и досега. Милам дека треба мали промни да се направат, и да се продолжи во истата насока. Засега тимот е тој што го имаме. Имам други работи да направам да ја склопам сложувалката. – потенцираше новиот стратег на „вардарци“.

СЕХА лигата и ЕХФ Лигата е главните предизвици за „црвено-црните”. Во СЕХА лигата тимот ќе биде во група со два нови тима, Мотор Запорожје и Татабања, заедно со Нексе, Татран и Војводина.

СЕХА лигата секоја година се подобрува и станува многу силна. Тоа е добра основа за подготовка за ЛШ. Сега имаме и нови тимови како Веспрем, Мотор и Татабања и тие се добри. Има 8 екипи што секогаш можат да бидат во самиот врв. Затоа секој натпревар ќе биде интересен и неизвесен. – смета Писонеро.

Во ЕХФ лигата на шампионите Вардар е во група со Веспрем, Кјелце, Мешков, Мотор, Монпелје, Порто и Кил.

Во ЛШ ќе биде исто така неизвесно, можеби нема многу звучни имиња, но сите се подеднаков добри, доаѓа Кјелце, Веспрем, а тие играа на Ф4 турнирот. И Кил е голем клуб. Сите натпревари ќе бидат неизвесни и интересни. – заврши предводникот на Вардар.

OhridNews