Ова маче беше регистрирано на една од прометните улици низ градов, во близина на Универзитетот по информатички технологии. Лицето кое не’ извести за овој немил настан, имајќи ја предвид состојбата во која било најдено мачето, смета дека е ѕверски убиено, дека не се работи за отров или за тоа да биде прегазено од автомобил.
Анималиа ве запрашува – кога еден вид предизвикува болка и страдање кај некој друг вид, зарем тоа не е рамно на дегенерираност и ѕверство? Зарем тоа не покажува колку сме се оттргнале од вистинските аспекти кои би требало да се одлика на човекот – добрината, сочувството и безулсовната љубов? За да преживеат денес, животните треба да ги издржат глобалните промени, загаденоста и недостигот на живеалишта. Уште потрагично, тие мора да ја издржат игнорантноста и злобноста на луѓето. А да се биде индиферентен на нивното страдање е суштината на нехуманоста.
Со зборовите на Питагора, се’ додека луѓето ги убиваат животните, ќе се убиваат и едни со други. Оној кој го сее семето на смртта и болката не може да прожнее среќа и љубов. Уништувањето на чувствителноста спрема животните, кај голем број деца и возрасни, во едни така масовни размери, претставува семе на човечките насилства, војни, сиромаштија и очај. Уште од раното детство, преку непрекинатата изложеност на ставовите кои тоа општество ги „емитира“ и пропагира (најчесто неморални и его-супериорни), почнуваме да примаме вредности и невидливи претпоставки од тоа опшетство. Очекуваме материјален успех во тоа опшетство, а доколку тој успех ни е далечен, се создава фрустрација и агресија, и при тоа, издувен вентил ни претставуваат токму оние кои најмалку се виновни за таа наша состојба, животинчињата.
Не треба да ги навредуваш животните, тие тоа не го заслужуваат. Ниедно животно не прави нешто свирепо – тоа е монопол за оние со Чувството за морал. Кога некое животно ќе нанесе бол, тоа го прави невино; тоа не е зло; животното и не знае за зло. И животното не нанесува болка само за да ужива кога ја нанесува – тоа може да го направи само човек. Вдахновен, со тоа свое нечисто Чувство за морал. Чувството чија задача е да го осознае доброто од злото, со можноста да одбира што од тие две да направи. Секогаш бира, и во девет од десет случаи се определува за злото. Злото не би требало да постои, и да го нема Чувството за морал злото не би ни постоело. А човекот е тека неразумно суштество што не е во состојба да сфати дека Чувството за морал го сместува на самото дно на скалата на живи суштества, и дека тоа е голема срамна особина.
~Марк Твен, “Таинствениот странец”~
Што е човекот без животните? Ако сите животни исчезнат, човекот ќе умре од големата осаменост на духот. Зошто се’ што им се случува на животните, наскоро ќе му се случи и на човекот. Сите работи се поврзани. Животните се најранливите членови на општеството. Тие не се она што ги сметаме – суштества со помала вредност. И тие имаат душа како нашата, само оваа во анимална форма. Затоа и треба да ги третираме како наши пријатели и блиски. Идејата дека некој живот е помалку вреден од овој човечкиов е она што е погрешно во овој свет. Зошто да мислиме дека ова убиено маче не заслужувало да дише, да јаде, да се радува, да создаде фамилија? Што со грдата слика која ја остава ова злодело пред очите на секојдневните минувачи, особено дечињата како најосетливи?
Според член 4, став 6, од Предлог законот за заштита и благосостојба на животните, забрането е предизвикување на болка, патење или повреди, сурово и нехумано однесување и убивање на животните во спротивност со одредбите од овој закон, а според член 67, став 2, предвидена е глоба во износ од 3000 евра во денарска противвредност на физичко лице за прекршок на овој член. Нека не биде Законот и казните причина за вашата хуманост! Чувството за морал нека ве поттикне на таа хуманост и добар однос спрема животните.
Се’ додека не го прошириме нашиот круг на сочувство за сите живи суштества, човештвото нема да најде мир. И затоа Анималиа ве замолува, доколку не можете да им помогнете на животните, барем не ги повредувајте! Не се тие причината за некои ваши проблеми и фрустрации. Размислете убаво!
Климент Арнаудов – активист на „Анималиа“
*Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив. Во истите не е извршена корекција на содржината на текстот ниту граматичка, ниту друга корекција