Сегашната забрана за лов на пастрмката и белвицата нема да важи од јануари 2012 година и идниот концесионер ќе има право на годишен улов од над 4.000 килограми годишно.Сам ќе лови,сам ќе се контролира како, што, и колку лови.Пред овој период, пастрмката нема да се лови бидејќи на мрежите ќе стои писмено предупредување за пастрмките и белвиците дека поставените мрежи се за некои други риби??.Стопанската логика на идниот концесионер е јасна. Вложените пари сака да си ги поврати и заработи.Но, каде е тука логиката дека ќе се грижи за рибниот фонд кога  со својата концесија сака да профитира?. Праксата со концесионерите на другите езера и вештачки акумулации покажа дека рибата масовно се изловуваше а грижата за рибниот фонд беше мислена именка.Зошто во наредните 6 години, со концесијата за стопански риболов во Охридското Езеро нештата би биле поинакви.? Која е логиката да се  дозволи стопански риболов ако се знае каква е состојбата на рибниот фонд? И се одзема ли минималната шанса на пастрмката повторно да се врати во езерото?Зарем е толку тешко да се размисли за последиците и колку пати треба да се повторуваат грешките. Висината на надоместокот за концесија би бил минимален издаток и за централната и локалната власт, а со тие пари ќе се обезбеди рибочуварска служба и ќе се финансира вештачкиот мрест.

Спортските риболовци против спортскиот риболов

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, покрај концесијата стопански риболов, распиша конкурс и за концесија за спортски и рекреативен риболов.Со еден збор одредбите се повеќе од смешни.Ќе се дозволува спортски риболов во време и на места каде нема риба. Минимум риболовни денови и минимум дневни дозволи.На спортските риболовци од јануари 2012 година ќе им се дозволи лов на пастрмка со блинкер.Но спортските риболовци бараат  мораториумот за ловот на пастрмката да важи во наредните 6 години и да не дозволи никаков лов на веќе истребената пастрмка.

Поништување на концесијата за стопански риболов на Охридското Езеро.

Охридското Езеро не е рибник за да се стопанисува со неговиот рибен фонд.Поранешното такво стопанисување остави трајни последици.Охридската пастрмка и белвицата се истребени а и состојбата со крапот е алармантна се тврди во званичните извештаи на надлежните институции.Ако порано,пред 20-тина години се собирале 20 милиони икри пастрмка за вешстачки мрест, во изминатите 2-3 години се обезбедуваат одвај два милиона зрна икра што јасно зборува дека пастрмката ја нема и нема што повеќе да се ,,МОЛЗЕ,,.Сега , со распишаниот конкурс за концесија се предвидува изловување на пастрмката.Тоа значи да се сардиса и она малку риба што останала во езерото,доколку нешто преостане по сеуште масовното рибократство.

Последиците од неодговорното стопанисуванње се трајни

Поради масовното изловување на пастрмката и белвицата , кои се ендемски видови на риби, како и на познатиот охридски крап,(беше дозволен лов со мрежи и во време на мрестот) надлежните тврдат дека во потполност е нарушена, со векови воспоставуваната, рамнотежа на рибниот фонд во езерото што доведе до енормно намножување на малата плашица. Сега е таа опасност за пастрмката бидејќи се храни со планктонот кој е храна и за пастрмката.Пастрмката и плашицата се движат во различни длабочини и височини на водата, па може да се постави прашалник за ваквите тврдења, но во секој случај состојбата со рибниот фонд во Охридското Езеро е аларманта.А, ќе се стопанисува со рибниот фонд.Идниот концесионер, за 6-то годишен надомест од по 2 милиони и 300 илјади денари годишно, со 30-тина рибари и вкупно над 100 км мрежи, доволни неколку пати да се прегради езерото, ,,ќе стопанисува и ќе се грижи за рибниот фонд,,? Ќе има право да лови и до 20 илјади килограми крап годишно,250 тони плашици , исто така за 1 година заостанатите видови риби ,количествата се во тони.Против понатамошното истребување се еколошките друштва од крајезерските градови со апел, не за лов туку за поголема грижа за вкупниот еко-систем на ова природно богатство какво што е Охридиското Езеро.Флората и фауната се негов неодвоив дел.

Непристрасно, се поставува  прашањето за логиката на работите. Стручни лица , кои токму сега се согласуваат дека ендемските видови на риби како што се пастрмката и белвицата се речиси истребени, сега токму тие предлагаат повторно мрежарење во водите на езерото.Зошто, во чиј интерес ова се прави?Во интерес на санирањето на состојбите со рибниот фонд во езерото, секако не! И зошто конкурсот за концесии трае само 30 а законски рок е 90 денови?Зошто не е почитуван законот за рибарство и предложената риболовна основа не е јавно објавена, ниту за овој дукумент се водела јавна расправа? Имаат ли локалните избори врска со стопанскиот риболов ? Зошто работите се форсираат со временски теснеци и повторно , во чиј интерес? Може ли работите да добијат сосема поинаква конотација?

Охрид е туристички град, спортскиот риболов може да придонесе во развојот на туризмот, без страв дека ќе се загрози рибниот фронд.Во Европа е правило фати-врати и евентуално спомен од фатената риба е фотографијата. Колку е таа логика далечна од нашиот стопански риболов и од сеуште присутното масовно рибократство може ли конкурсот за концесии надлежната комисија да го поништи, се остави време за долгоречна стратегија за заштита на рибниот фонд во Охридското Езеро.За стопански риболов се размислува кога навистина пастрмката и белвицата ќе се вратат во езерото.Но и тогаш со крајна внимателност за да не се наруши восопствената рамнотежа.

Борис Ѓорѓиоски-новинар