Деновиве во медиумите објавен беше натпис со наслов “Бараат смена на Владиката Петар”. Ова потсетува на сите досегашни настани и објави во минатото, кои укажуваат на синхронизација на активностите меѓу соседните држави на Република Македонија по прашање за името и опстанокот на Македонската држава и црква и активностите на нас македонците во Австралија, а сето тоа на штета на Македонската православна црква, државата и нас македонците каде и да се наоѓаме.
По најавата дека се очекува до крајот на годината Македонија да добие датум за преговори со ЕУ, Грција деновиве ги засили активностите и притисоците кон Македонија за промена на вековното име. Бугарија во Еврропскиот парламент преку своите претставници упати јавна критика дека наводно се кршат човековите права на бугарите во Република Македонија. Србија преку својот претседател Николиќ го актуелизира феноменот Вранишковски и решавањето на статусот на МПЦ. Во Албанија го запалија македонското знаме и го омаловажија, го компромитираа и деградираа премиерот на Македонија. Албанските граѓани, државјани на Македонија, го газеа и го запалија македонското знаме, а на секоја албанска куќа и јавни места низ земјата го вееја албанското знаме. Од сите страни Македонија сардисана.
На сите овие проблеми и главоболки кои на Македонија и МПЦ им ги задаваат соседите и домашните, нелојални граѓани, им се придружуваме и ние македонците од Австралија. Им се закануваме и ги уценуваме дека ќе биде по наше, во спротивно ќе ја активираме независната македонска православна црква за Австралија. Колку цркви имаме ние македонците? Србите преку Вранишковски во Македонија инсталираа своја пара-црква, треба ли и ние македонците во Австралија да го правиме тоа?
Разбирам некој однадвор кој не е Македонец да преговара да се договара и спогодува со Македонија и МПЦ, не ја разбирам постапката од нас македонците кои велиме дека сме патриоти дека ја сакаме Македонија и Македонската црква, самите да го правиме тоа. Имаме една Македонија и една МПЦ. Да не заборавиме ако ги снема Македонската држава и Македонската православна црква, ќе не снема и нас македонците од лицето на земјата. Македонските православни цркви на Австралискиот континент без никакво двоумење треба да бидат под јурисдикција на МПЦ и затоа не треба да постојат никакви дилеми. Во спротивно не би биле македонски православни цркви, а и ние македонци. Ако не се под јурисдикција на МПЦ, тогаш под која јурисдикција ќе бидат македонските православни цркви во Австралија? Ние македонците каде и да се наоѓаме со почит треба да се однесуваме кон Македонската држава и нејзините претставници и кон синодот на МПЦ и кој амбасадор или дипломат ќе испрати Македонската влада, кој владика или свештеник ќе го постави синодот, треба да ги прифатиме, да ги почитуваме и во рамки на нашите можности да им помагаме успешно да ја извршуваат својата должност и нас македонците достоинствено да не претставуваат пред надлежните во Австралија. Можеме и ние Македонците во Австралија да имаме свои желби потреби и барања, истите можеме да им ги пренесеме на Владата на РМ, или на синодот на МПЦ, но треба да оставиме самите тие да проценат и одлучат што е прагматично за државата и црквата тоа да се направи, без ниакакви притисоци, уценувања и закани од наша страна. Ако ние ги условуваме и уценуваме црквата и македонската држава, тогаш што да кажеме за соседите и непријателите?
Апелирам до сите македонци, место расправии за црквите, нашата енергија и капацитет да ги усмериме кон лобирање за признавање на Р.Македонија под уставно име од страна на Австралија. Со тоа најмногу ќе и помогнеме на Македонија и ќе се оправдаме како македонци. Да бидеме македонски амбасадори во Австралија. Божјото да му го оставиме на Бога а царевото да му го дадеме на царот, како што тоа во аманетот ни го оставија нашите стари.
Со почит до сите читатели,
Зоран Бочкароски
Сиднеј
*OhridNews ги објавува текстовите во
рубриката Писма-Колумни во оригинал како што се испратени и редакцијата
не сноси одговорност за содржината на истите.