Со задоволство ја прочитав информацијата за формирањето во Охрид стручни тимови во средните училишта. Крајно време да се посвети внимание на воспитната компонента во воспитно-образовниот процес и во средните училишта. Секој стручњак кој влегува во тимот е потребен и секој има многу задачи да ги реализира. Сепак ми недостасува профилот на социјален работник, чија активност е неопходна во решавање на сложените проблеми на младите.
Задача на психологот е да го анализира статусот на личноста на ученикот и стаусот на неговите односи со семејството, другарите, познаници итн. Педагогот е задолжен за работно и професионално оспособување, организација на слободното време и анализа на воспитното влијание од страна на потесното социјално опкружување. Социологот е воглавно е истражувач , аналитичар на различни процеси кои се присутни во училиштата.
Сепак треба да се потсетиме дека во составот на средношколската младина имаме ученици кои потекнуваат од сиромашни семејства, од семејства со пореметени односи, од разведени родители. Имаме ученици кои се во почетна фаза на дружење со алкохол, цигари, дрога и други психотропни супстанции. Имаме ученици со симптоми на воспитна запуштеност, да не кажам малолетничка деликвенција. Се поставува прашање кој е најкометентен за активности во овој сегмент од воспитно-социјализаторски процес во училиштата? Присуството на социјален работник е конечно за да се воспостави мрежа на меѓусекторска соработка, да се применуваат пристапи, методи и техники наменети на интервенции во превентивна и куративна смисла.
Широка е палетата на активности кои може да ги реализира училиштето во локалната заедница, во која функционира, а се во доменот на социјалниот работник. Примена на методот за развој на заедницата и реализација на различни проекти ќе ги подготви младите луѓе за поголема поврзаност и одговорност за место на живеење.
Убедена сум дека во денешно време од друг агол треба да гледаме на професијата социјален работник, кој не е само администратор за социјални трансфери. Современата социјална работа не може да се ограничи само до грижа и помош на социјални случаи. Нејзина задача е промоција на социјални промени, борба за права и социјална правда, влијание врз одржлив развој, дејствуавње во мултикултурана средина. Овие процеси под водство на социјален работник мора да бидат присутни во воспитанието на младите.
Д-р Мариа Доневска
Редовен професор
*Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.