Поигрувањата со човечките судбини и егзистенционалните потреби, предизвикани од искомплексирани „менаџери“ и „локални партиски лидери“ полни со омраза и осветољубие кон секој оној што не е “наш“ се повеќе го опустошуваат секојдневното нормално живеење на Охриѓани. Ситуацијата во која се затекнаа голем број на семејстава од Охрид, реваншизам од страна на политичките неистомисленици, занесени во некаква си победничка еуфорија полна со гнев и омраза на се она што не е дпмне, на се она што има поразличен поглед и мислење, во овие денови кулминира. Случувањата во образованието, како последен пример од низата, погрешно водење на локална политика, која има за цел да се уништи се што е добро, да се негираат резултатите постигнати од предходната власт, да се воведуваат нови „методи“ на работа, нови “планови“ нови „распореди“ нови „начини“ на функционирања, на институции кои се признаени и докажани во својата работа, е надвор од здрав разум. Охриѓани ја паметат и ја знаат Гимназијата само како еден темел на вредности, огледани низ резултатите, кои во изминатиот период беа постигнувани. Во овој контекст, би ги додала скоро сите воспитно образовни институции во градов. Ако нешто вистински вредеше во Охрид тоа беше образованието.

Прекинувањето, односно не продолжувањето на договорите за работа, на професорите без било каков аргумент и итно пополнување на работните места со нови „партиски подобни“ дури и со несоодветни квалификации, се повеќе го обременуваат нормалното функционирање на образовниот процес во Охрид. Ако ова е решавање на проблемот со вработувањето со промена на „подобни“ со „неподобни“ кадри, тогаш ова е уште една глупост која нормален човек неможе да си ја замисли.

Господо од позицијата, кадрите на кои не им ги продолживте договорите, не се партиски членови од опозицијата, пред се тие се стручни кадри во кои оваа дрзава вложила . За воља на вистината, предходната гарнитура не ги делеше Охриѓани на вмровци и сдсмовци, нити им ги раскина договорите на тие што пред 8 години беа затекнати со договори, напротив трајно ги вработи, многу од нив беа и унапредени и покрај тоа што не беа како што милувате да кажете „наши“. Иронијата да биде уште поголема, „ваши“ членови испуштивте од работа, само затоа што биле вработени од предходната гарнитура. Навистина чудно, немилосрдно и лицемерно.

Оние, кои во моментов си подигруваат со судбините на Охриѓани, не се Охриѓани и тоа мораме еднаш јавно да го кажеме. Нивните фрустрации и комплекси кои ги влечат од нивните рурални средини, некои села во Пехчевско, Прилепско се непознати за Охриѓани. Си поигруваат со судбини, глумат авторитети, но пред се се луге кои се влезени во филм, што би рекле охриѓани „пулитесе чудитесе“ ( тешко нас, се извинувам тешко нив ). Тие незнаат дека, охриѓани си имаат подруги ( башка ) погледи кон градот, кон сограѓаните, или ако сакате си имаат свој табитет, дали е тој дебарчки, варошки, влашкамалски и т.н сепак си е наш Охридски. Многу е жално, но мора да кажам,трагично е тоа што голем дел од граѓаните, тргнаа по нив, иако длабоко во нивната свест знаат дека и градот и сите Нас не водат во амбис. Заслепени од голата егзистенција, охриѓани ја наведна главата пред овие квази локални лидери, односно менаџери, свесни, меѓутоа немаат друг избор. За Охриѓани ваквите случувања се страни, непознати, далечни. Искрено, мислам дека и градоначалникот е свесен за ова.

Уште сакам да споменам дека, Охриѓани ги паметат времињата кога локалните лидери седеја заедно и пиеја кафе во локалните кафулиња, кога и без ралика на партиската припадност беа вработувани, кога политиката беше предмет за дружење на политичките „противници“. Морам да ги потсетам дека, политика имаше само пред избори и толку. Така беше во Охрид, така се живееше во Охрид, така се дружеа оние на кои им значи градот, на оние кои знаат да го живеат Охрид, на оние што секогаш интересите на градот беа пред личните.

„Господо“, и покрај тоа што мислите дека успеавте во уништувањето, едно знам, Охриѓани истрпеле и истраеле и поголеми зла од вашиве, и овој пат заедно (мислам и на вмровци, сдсмовци .. определени, неопределени ) ќе ги пребродиме и овие кошмари и цврсто сум убедена дека, Охриѓани ќе го препознаат вистинскиот пат, по кој сите повторно ќе се движиме и ќе си го вратиме Охрид. Мора да знаат дека ние нема да заминеме од градот колку и да настојуваат кон тоа, ова е наш град, а вие повелете, живите со нас прифатете ги охридските навики, табиети затоа што тие биле и ќе останет. Исфрлете ги комплексите, фрустрациите, сељачките навики, затоа што тие се несвојствени за Охриѓани и почнете да работите за доброто на Охрид. Со вашите недела сигурно нема да бидете запишани во некој од аналите на охридското живеење, ќе си останите она што сте, а вие најубаво знаете кој сте, од кај сте и колку вредите.

И еден ден ќе дојде време кога немат да има вмровци и сдсмовци, кога повторно ке седнат на иста маса, на кафе муабет и ке разговараат за доброто на Охрид.

Со почит,
Билјана Кавтаноска-Алческа

*Ставовите изнесени во рубриката „Отворена“ (Писма-Колумни) се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.