Традиционално, кон крајот на секоја година, претседателот на Р. Македонија одржува годишен говор, на посебна седница во Собранието на Р. Македонија, во кој ги изнесува сите случувања кои според него и Владата заслужуваат да бидат истакнати. И тоа не е првпат, традиција е. Се знае кога ќе биде и како треба да изгледа и звучи. Напишано од платени одговорни и доброупатени лица, за тоа што треба да содржи. На господинот Претседател, останува уште да го научи за да го презентира или да научи да го чита. Е, сега, туку имаме уште еден проблем. За сѐ да биде коректно и перфектно, како што сакаат да звучи, треба и така да се презентира. Џабе целиот напор во пишувањето, ако не го бидува читањето. Совет: Пишувачи, за сите кои ги пропуштиле часовите по македонски јазик и литература, обележете го точниот акцент на секој збор!

Со сета должна почит кон титулата, но дали имал еден час по правопис и правоговор претседателот на Р. Македонија, Ѓорѓе Иванов? Ако барем еден главен говор во годината, напишан на пет страници, не успеал да го извежба до најмали детали и ако тој, првиот човек на државата, на главното и најпретставително место, Собранието, не го зборува најчистиот и најточниот македонски литературен јазик, тогаш кој?

Јазикот кој е прв службен јазик во државата, јазикот за кој плачат пред вратите на ЕУ, како не смеел да биде избришан, како требало да остане македонски, да не се промени. Јазикот за кој велат дека е наследство од дедовци и прадедовци како Крсте Петков Мисирков и Блаже Конески, оние кои не се бореле за Европска унија, ами за вистинскиот личен идентитет. Тие кои го извајале до неговата, речиси, најпрочистена форма, напишале книги, граматики, правопис за некој да седне, да ги прочита и за вечност да ги запамети. Не за друго, туку за да не се изгуби себеси. Да не го изгуби личниот идентитет и достоинство, за да има свое Јас, зад кое ќе застане пред туѓите.

А токму тој, претставникот на целата македонска нација, не го почитува доследно, употребувајќи го најлошиот акцент ( прАтеници, Извештајот, рЕформите, стрАвовите, зАклучоци, вИзијата, спОменици, дИјалогот, прЕпораките, пАртнерите…) ?! До кога?! И тој и 90 % од сите таму „претставници“ на Р. Македонија, до кога вака ќе го „почитуваат“ сопствениот македонски јазик? Вака ли ќе излегуваат пред целиот народ и ќе изразуваат почит и ќе ни кажуваат како да го цениме, почитуваме и заштитуваме нашето културно богатство и идентитет?

Ви благодарам, за досегашниот труд, ако тоа, воопшто, може така да се нарече, и ве замолувам, покрај сите невистини што ги имате извежбано, една точност да научите:

АКЦЕНТОТ ВО МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Е ТРЕТОСЛОЖЕН!
превод: НА ТРЕТИОТ СЛОГ ОД КРАЈОТ НА ЗБОРОТ! БРОЈТЕ!!!

 

В.М.
(дипломиран македонист (лектор))

*OhridNews ги објавува текстовите во рубриката Писма-Колумни во оригинал како што се испратени и редакцијата не сноси одговорност за содржината на истите.