Младино на Македонија,
Време да честито се погледаме во очи, и тоа го сториме одважно. Време е, сметките некогаш мораат да се поднесат. А ова не е обична сметка која се мери со пари. Ова е сметка која се мери со чест, слобода, дури и место во вечноста.
Секое време има свое бреме, и изродува нови начини на решавање на човечките проблеми. Луѓето бараат сопствени одговори, и ги бираат. Добро е и благородно да притоа се земаат примери од претходните генерации, така продолжувајќи ги традициите и создавајќи единствен национален континуитет.
Но, …Народот мудро вели: „Старите слушај ги, но не следи ги!“ Немојте ниту вие да се поведувате по нас. Ни случајно. Ќе потонете во густа кал на малодушност. Не чекорете по стапките на вашите родители.
Ние, сегашните родители, нашите сопствени родители ги прелажавме и предадовме. Дигнавме раце од пркосот, борбеноста и вистинољубивоста, кои еднаш го красеа националниот карактер. Да, дигнавме раце од нив, а на штета на уставно-правниот ред во нашата земја. Не се прашувајте зошто не реагиравме отворено и истрајно кога беше најтешко, зошто целата наша реакција – онолку колку ја имаше – најчесто се сведуваше на некој вид на озборување. Не барајте причина.
Немајте трпение да го разберете тој молк на постарите генерации. Молкот е знак на некаква урнисаност во нашите животи. А се плашам дека нашата најголема урнатина не е транзицијата, ниту е нашата држава, можеби ниту нашата лицемерна морална храброст, па дури ниту нашата совест. Нашата најголема урнатина, се плашам, е нашата една и единствена татковина.
Бидејќи, татковината е многу повеќе од меѓа и граничен премин. Таа е и нежната, топла грижа на селанецот на неговата земја кога погледот ќе го подигне кон непредвидливото небо. Таа е и инженерот кој изнаоѓа ново решение на начин кој нема да му биде укнижен и награден. Татковина е и животот во едно соседство, и чувањето, меѓусебно, на достоинство.
Ние за такви нешта најчесто молчевме. О, како молчевме!
Вашата благородна обврска, достојна на историската и морална одговорност, е да го презрете нашето кукавичко молчење.
Не се воздржувајте да така се поведете.
Младино македонска,
Не е толку страшно што ве вовлековме во калта – од кал и може да се излезе. Меѓутоа, лицемерно и злобно е што откако ги извалкавме нашите, ве буткаме и заведуваме да вие ги извалкате вашите образи. Ве исполажавме дека од татковината правиме богато и заедничко земјиште, во кое ќе има место за сечија бразда и сечија градина; дека ќе изградиме сериозна, просперитетна, и пред сé чесна држава. Повеќе изгледа како да сме го произвеле спротивното.
Неумесно е сега да се зборува: Во тоа не учествуваме ние, оние другите се криви, тие тоа го направија. Мизерно е и да се се објаснува дека народот сам бирал, па како бирал така заслужил. Напротив. Токму ние кои со власта не се сложувавме – ние сме криви. Нашата одговорност е уште подраматична, и повеќе кобна. Најмногу премолчувавме кога најгласно ја критикувавме власта. Најмалку делувавме кога повикувавме на акција (некој друг нека застане на чело на колоната и превземе конкретни чекори, а ние, нели, храбро ќе му се придружиме). Кога баравме предводник, тој ни требаше да му бидеме обични следбеници, без многу мисла и грижа за општото добро.
Младино македонска,
Овие генерации пред вас отстапија од родољубивата традиција. Ваша благородна должност е да не се обѕирате по нас (не се бавете со нас воопшто), без трошка срам и грижа на совест. Наместо тоа, водете се по она што го чувствувате длабоко во вашите срца. Свртете се кон мисијата на вашите благородни претци – чувањето и оснажувањето на пламенот на слободарскиот дух, кај нас, но и во светот во целина.
И на крај, немојте да ни премолчите што татковината сме ја предале, бидејќи татковината не сме само ние, денешните Македонци. Татковината е постара од сите нас. А ако вие само се прилагодувате на реалностите кои ви ги пружаме, ќе биде сеедно дали идните поколенија ќе ви простат вам. Татковината можеби веќе нема да ја има.
Текстот е комбиниран труд на повеќе автори
*
Ставовите изнесени во оваа рубрика се ставови на авторите и
редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на
истите. Текстот не е лекториран и е објавен во оригинал.