Одговорот на прашањето е едноставен, поради несовесноста на граѓаните, немањето на морал и почит кон природното богатство што го имаме. Сепак најголемиот товар на одговорност треба да го сноси проектантот на колектороскиот систем и изведувачот на работите. Незнам колкумина од граѓаните се сеќаваат на минатото кога се градеше колекторот, но јас убаво се сеќавам и тогаш се прашував, а и сега ќе го поставам тоа прашање. Во исто време се градеше и колектроскиот систем во Ресен, примероци од бетонските цевки и ден денес се усогласени со партерното уредување во центарот на Ресен и истите тие цевки се околу 40 до 50 % поголеми од цевките што се монтираа во Охрид. Зошто е тоа така ???, нема одговор и нема да коментирам, оставам на вас новинарите да започнете истрага, можеби ќе биде од корист.

Одржувањето понатаму го презеде Охридски Водовод, кој неодговорно се однесуваше со тоа што не вршеше никаква контрола , кој се приклучува и какви отпадни води се влеваат во колекторот. Не се обрнуваше внимание, а и денес е потполно иста ситуацијата со атмосферските води од дворовите и крововите на граѓаните. И покрај тоа што на поедини делници низ градот со помош на донации се изгради атмосферска канализација, во тој систем се влеваат само водите од улиците низ Охрид, непостои регулатива за да се приклучат и водите од дворовите и крововите, граѓаните едноставно овие води си ги приклучуваат во фекалната канализација. Зошто е тоа така ???


   
Деновиве сме сведоци на многубројни прес конференции преку кои директорите на ПРОАКВА и градоначалниците на Охрид и Струга бараат помош од Министерството за транспорт и врски, обвинуваат дека ревизионите шахти на колектроскиот систем по течението на Црни Дрим се дури метро и половина под вода, иако не сме имале можност тоа да го видиме, нити пак се упатила некоја телевизиска екипа сето тоа да го документира. Зошто е тоа така ??? која е причината, кој е виновникот, како тоа се проектирал колекторскиот систем, какви коти на пад на водата се земени за да дојде до оваа катастрофа. ПРОАКВА апелира дека и пумпните станици во Охрид преработуваат вода дури и три пати повеќе од проектираната, причината е едноставна , премногу атмосферска вода во колекторскиот систем. На крај се навраќаме на несовесноста на граѓаните. Ова што  го забележав со мојот телефонски уред, премногу ме загрижи. На плажата Акапулко 2 пред самиот објект постои ревизиона шахта која сопственикот ја редизајнирал за да изгледа како жардињера за цвеќе, се разбира затоа што недоликува, да седнете и да уживате во кафето или напитокот покрај ревизиона шахта од фекална канализација, но зачудувачки е тоа што покрај самата шахта е монтиран неповратен канализационен вентил кој не дозволува водата од колекторот да излегува во случај кога е преполн но затоа пак дозволува да влегува вода во него. Во моментов како што може да се види тој вентил се однесува како сифон во када, со силен вртлог водата од езерото навлегува во колектроскиот систем и тоа во огромни количини, дури и чудно е како до сега не дошло до преполнување на системот и доплнителни проблеми, да отпадната вода од фекалниот систем не може да се влева во колектроскиот систем. Од ситуацијата може да се заклучи дека најверојатно отпадните води од самиот објект преку овој вентил се влевале во колектроскиот систем, но надојденото езеро со силината на брановите ги отстранила овие цевки, па сега едноставно езерото се одлива во колекторот. Слична е состојбата и на останатите плажи на потегот Лагадин до каде имав можност да пропешачам. Зошто е тоа така ??? , зошто ПРОАКВА не води грижа како се приклучуваат корисниците, зошто се дозволува непрописно и неодговорно поставување на канализационите цевки.

На крај би прашал, кој е генијалецот што го проектирал колекторот да поминува по самото крајбрежје наместо тоа да биде на повисока кота, подалеку од самото езеро, која комисија  дозволи на стрчат ревизионите шахти на плажите, не е ли
срамота за градот пред туристите кои не посетуваат, на кој начин го одобрил тоа, Хидробилошкиот завод, па и тогашното министерство за зачувување на човековата околина. Познавајќи ја хидроградбата, водењето на колекторскиот систем е
потполно возможно на повисока кота, со дополнителни преливни и пречистителни станици.
    
Се надевам дека ова мое обраќање ќе потикне некакви активности во поглед на решавање на проблемите кај надлежните органи, а најмногу на свеста на неодговорните граѓани.
 

Наум, Револтиран Граѓанин