Зошто во Охридската џунгла има многу незнаење, недоразбирање меѓу нас: иселениците, “странци” Македонци и вас/вие: Македонците во Македонија!? Деликатна, осетлива, провокативна тема. Сите сме горди Македонци. Моја визија: „просечниот Македонец во странство не постојт. Исто така просечниот Македонец во Македонија не постојт“. Зошто комплицираме сите.
 

Се работи за судир на карактери. За конфузија меѓу западани, северноевропски, Американски, Австралијански и Балкански животни средини. Секое лето ние и вие, како различни сорти животини, заедно сме во стаклениот комплициран Лихнидоски терен. Тука има мешавина од “странски” и македонски гладни ајкули, елегантни галеби, гломазни слонови, педантни жирафи, лични делфини, златни тигрици, итри лисици, непредвидливи црви, досадни папагали, волци, смешни мајмуни, лоши лавови, паметни пантери, опасни пирани, ранливи осетливи елени, мутави пингвини, страшни змии, мрзливи желки, диви патки, наивни телиња и весели фламинга. Кој е кој и каков. Ајде снајди се во таков мравјалник. Дишеме во ист градски простор. Во Зоолошката градина Охрид. Опкружени со еко-природа. Во нашите цедила. Се храниме. Лежиме. Даваме. Земаме. Помагаме. Почитуваме. Уништуваме. Боцкаме. Се сакаме. Има слога и несогласување. Во тоа бачило се дружиме привремено. Се веселиме. Се мразиме. Живееме. Туркаме некако. Така и така. Имаме секакви безвезни, суптилни и бесрамни конфронтации, поделба, рампа, непознавање на нашите стилови на живот.
 
Мигрирачка птица

Јас би се споредувал со птица. Подетално: со мигрирачка сорта. Според речникот мигрирачките птици летуваат сезонски таму каде што можат да најдат храна и друг живот. И уживаат да патуваат. Авантуристи се. Неможат да седат на едно место. Немаат една дома. Исто како мене, и како нас: скоро сите Македонци во странство. Кој сме ние (странските туристи со спортски ранци и фото апарати, домашните гости, и иселениците) во летниот Охрид? Сите имаме заедничка судбина, заедничко уживање: го сакаме Охрид. Ја сакаме тајната на Охрид.

Вие сте растурени низ цела Македонија. Ние по цел свет. Некогаш сме тргнале со некој сон, цел, правец, надеж. Инстиктивно. Планирано. Диво. Случајно. Првиремено. Онака. Вечно. На црно. Илегално. Или со Бугарски пасош. Излетани сме за идеален нов замислен живот. Доброволно. Економски. Политички. Азилантски. Заради други причини: војни, образование, љубов, уметност, за бизнис. Покрај сенката од полетувањето на авионот, во таа позадина на Охридскиот и Скопскиот аеродром, во прегратките од блиските има: насмевки, поздрави, драми, солзи, честитки, разделби, недозавршени разговори, недокажани зборови, тишина, почит, нервози, носталгија, утврдени чекори. Остануваат прашања и прашалници во облаците на отворениот свет без граници. Зошто едниот живее во странство, а другиот во татковината Македонија? Тешка дилема.

 
Смесшни смешки

Покрај ова комплексно прашање ме нервира една плитка работа за една комплицирана деликатна осетлива тема. Зошто има евтини, смешни смешки за нас; иселениците. Тие познати клише коментари. Без да ни ги кажувате веќе самите ги знаеме напамет. Иако глумиме дека не ги слушнавме на родендени, на крштевки, свадби, на маса, на скара, в чаршија, по гости, на плажа. Да, исто и за вас (во Македонија), за вашите особености имаме и ние доста коментари, критики, вицеви, зафрканции, воодушевување. Никој не е перфектен, идеален, одличен. Сите имаме мани и позитивни страни. Зошто самите си правиме поделби. Зошто има натпревар. За ваму и таму. Зошто не уживаме. Заедно. Како на оро.

 

Сите сме виновни. Охрид, Скопје, Битола, Дебарца, Крушево не се центар на светот. Ниту Мелбурн, Њујорк, Берлин, Амстердам. Австралија не е Канада. Америка не е Европа. Италија не е Германија. Скандинавските држави не се како животот во Холандија. Велика Британија не е Словенија. Сакам да објаснам дека тука почнува целиот проблем. Сите Македонци во дијаспората не живеат исто. Не се карактерски исти. Просечниот Македонец во странство не постои. Исто така просечниот Македонец во Македонија не постои. Колку разлики има од порта до ограда. Од двор до врата. Од прозор до соба. Од сокаче до улица. Од село до град. Од држава до континент. Од поле до планина. Од црква до катедрала. Од езеро до океан. Многу. Неможеме да се разбереме. Затоа не се познаваме.

Некој Македонец што ја посетил Америка, Канада, Австралија, Белгија кратко туристички или за три месечна сезонска работа неможе веднаш да е експерт за сите Македонци во тие држави. Може само неговите впечатоци, мисли, искуства и неговото доживување да го пренесе на други. Истото и за нас иселениците важи. И ние неможеме, не треба и не мораме во летните месеци на одмор да ги решаваме сите економски, животни, судски, финансиски, политички, урбанистички проблеми во Македонија. И како вас имаме право на свое мислење. Само има граници. Секој еден е сам одговорен за таа важна точка. Тоа е цел проблем.

Тешко, тешко да се сложиме. Остануваме децении од двете страни со прашања и прашалници. А да се докомплицира оваа комплицирана тема уште повеќе. Најсмешни и најкомплицирани средби се кога ќе се погодат иселеници од Австралија, Америка, Европа и Македонци од Македонија во едно случајно весело друштво. Тогаш има солидарност. Исто така спротивно има уште поголема конфузија. Ајде тогаш најди јасен одговор. Со мешавина од иселеници и “домашни” Македонци. Тоа ти е исто како сарма, мусака, грав, скара, ориз и полнети пиперки измешано во едно. Комплицирано. Невозможно. И тогаш нема разбирање. Ништо не ми е јасно. Зошто комплицираме сите.

 
Дома си е дома

Цел одмор убаво го поминав. Во добро расположение. Како во рај со измешани чувства во македонскиот темпрамент. Како и секогаш си отидов од дома, дома. Дома си е дома. Ама во која дома е дома? Дома и среќа значи, според мене кој како, каде ќе си го направи и нареди животот. Нема упатство како да го живееш животот. Ниту во Македонија, ниту во странство. Дома си е дома таму каде што се чувствуваш слободен, пријатен, сигурен, опкружен со семејство, фамилија, роднини, пријатели. Ако се гледаме сит реално во очи, без темни гломазни цвикери. И без да сме занесени со мобилни и да не кисниме нон-стоп на Facebook тогаш повеќе работи ќе видиме. И подобро ќе се запознаеме во жешките летни охридски денови. Ќе откриеме какви сме навистина и ќе видиме што се случува околу нашиот креиран себичен свет. Ако подобро, искрено, заинтересирано и нормално слушаме со отворени, исчистени уши, другиот што зборува, тогаш повеќе и вистинси ќе слушнеме што сака другиот да ни каже.
 
Јас мислам најдобро можеме сите да се запознаеме вистински од 15 октомври до 23 декември. Или од 27 јануари до 30 април. Во овие есенски и зимски термини, без големи празници и без летен хаос невообичаените работи се веднаш обични. Тогаш нема сардинска гужва во Охрид. Тогаш има од наша и од ваша страна многу помалку лажни, нашминкани, безвезни, чудни, провокативни, глупи, напумпани, исфорсирани, актерски материјалистички и заљубени во себе паради по чаршија, по патиштата и плажите. Ако Охрид е влезен во зимски сон тогаш нема грлати домашни туристи, странски гости, нервозни, горди охриѓани и збунети, разочарани, весели љубезни иселеници. Тогаш охридската зоолошка градина е привремено под катинар. За да можеме сите да уживаме среќни од ситните златни точки во нашата заедничка судбина. Пред огледалото од нашата душа: неограничена љубов кон Охрид.
 

Искрен Поздрав,
 
Влатко
Амстердам