Во последнава недела на предизборието, многу би сакал да чујам повеќе детали за методите што кандидатите за локална власт планираат да ги применат во урбанистичкиот развој на Општинава. Убеден сум дека огромното мнозинство сограѓани, а и пошироката јавност, со големо негодување и со разочарување гледаат како се врши насилство врз просторот, заради остварување на интереси спротивни на општите.

Пред се тука очекувам да се понуди итна ревизија на генералниот урбанистички план и на стратегијата за развој. Иако поминаа помалку од осум години од донесувањето на актуелниот план, кој треба да е во важност најмалку десет години, реалноста налага веднаш да се интервенира. Има неколку причини зошто мислам така.

Првата е изменетата состојба со легализацијата на бесправно изградените објекти. Тој процес треба забрзано да се доврши и, врз јасна имнотно-правна слика, да се дадат оптимални решенија за идните, најмалку десет години.

Друга причина е веќе извесната гасификација која наближува и која не смее да не затекне неподготвени. Не само централата. И главните правци на гасоводите треба да се дефинираат на време.

Најважно е сепак да се поправи она што може, да се ублажат последиците од досегашното претрупување и дехуманизација на просторот.

Ова се само мои лаички согледувања. Но мислам дека не треба многу знаење за да се види дека во Бејбунар, на пример, никне една населба претрупана со триесетина огромни згради, од типот на рударски населби во раниот капитализам и сталиновиот социјализам. Не треба многу знаење за да се види дека мајките со колички можат единствено по кејот да ги прошетаат своите малечки. Едноставно, нема паркови во градот. Не е алтернатива паркот на Петрино или на стариот град. Зарем треба да се оди „на излет“ за да се излезе во природа во град од големината и воздухот на Охрид? Жално е да се гледаат децата од предшколска возраст како се обидуваат да ги играат своите неопходни детски игри по тротоарите, по улиците, меѓу автомобилите…

За сето ова требаше и до сега да се изјаснуваат стручните тела. Пред се Градскиот урбанистички совет, кој по закон и статутот на Општината е должен да ги штити општите интереси. Но, за жал, тоа веројатно не беше во нечиј друг интерес и од тоа, мошне важно тело, не чувме буквално ништо!

Урбанистичкото планирање е доста скап процес. Но се исплаќа многукратно, како и секое друго планирање-ако е добро. Во нашиов случај, среќна околност е што има законска можност ваквите потфати да бидат финансирани од државата. Не се сомневам дека за тоа ќе има општа согласност кај државните власти. Она во што се сомневам е дали досегашниот градоначалник сака и може да се оттргне од инерцијата за неконтролирано градење на комерцијални објекти…

Свесен сум дека зазвучив пристрасно, но длабоко сум убеден дека ја кажувам вистината. Би бил многу задоволен, а верувам и другите ваши читатели, да ги чујам одговорите на овие мои прашања од кандидатите на двете најголеми политички групации.

Иван Огненов

*Ставовите изнесени во рубриката
Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси
одоговорност за содржината на истите.