Повозрасните сигурно се сеќаваат на големата, извонредна, себалканска потеса Десанка Максимовиќ. Во 1964 ја издава  вонсериската стихозбирка „Тражом помиловање“ („Барам помилување“). Во таа збирка таа бара помилување за властодршците, за неразбраните, за наивните, за свадбите без венчавка, за слугите, за ….. за уште триесетина други групи на луѓе или настани.

Јас на преминов од 2015 во 2016 барам помилување за неколку нешта. Барам помилувања за Охрид, Охридското Езеро и неговото крајбрежје, Охридското Блато, планината Галичица…….. И не без причина.

Во повеќето случаи, инвеститорите таканаречени „ајкули“ се сурови експлоататори, кои воопшто не се грижат за природата и за културните вредности, не се грижат ни за квалитетот на животот, дури и за напредокот на земјата во која инвестираат … Има земји во кои себичноста и немилосрдноста на инвеститорите колку толку се ограничени од страна на моќта на државата. На пример, невозможно е некој во средината на паркови, да речеме Хајд парк изгради голем хотел (што многу би сакале најголемите хотелиери во светот), или да добие дозвола да ја урне Ајфеловата кула за да на тоа место изгради нешто. Ако имав власт и моќ, на такви инвеститори под никакви услови не би им дозволил  инвестиции во Охридскиот регион. Паметното  искористување на кредитот е секогаш подобро решение од она кога инвеститорите прават експлоатација и економска окупација на земјата,при што не носат(сем за поединци) значително никакво зголемување на квалитетот на животот на граѓаните.

Но не е се секогаш црно. Покрај инвеститори-ајкули во светот постојат т.н. општествно одговорни инвестиции (Socially Responsible Investing- скратенo SRI) во рамките на кои се уште се построги зелените инвестиции. Ако Охрид е принуден да бара странски инвеститори, целта би требало да биде инвеститори кои ќе ги почитуват етичките принципи, почитување на природните и културните вредности и се стремат да бидат општествено одговорни инвеститори за да се подобри квалитетот на животот на граѓаните. Интересно е дека таквите инвеститори никогаш не биле целна група на Македонија и Охрид. Можеби тоа е незнаење и некомпетентност, а можеби проблемот е и во тоа што многу потешко е да се вклучиме во такви инвестиции.

На кратко, развојот на Македонија и Охрид треба да се базира на два принципа. Прво, колку што е можно повеќе да се развие нашата економија со сопствени средства а доколку се користат кредити тие мудро и одговорно да се користат. Второ, кога сопствени сили не се доволни да се соработува само со докажана општесвено одговорни инвеститори.

Во текот на многу години наназад многу Влади на Р.Македонија и многу состави на Советот на градот Охрид носеа многу лоши одлуки за Охрид и Езерото, но сега….  Последниве две три години Владата на Р.Македонија и Советот на градот Охрид носат Одлуки со кои донесуваат „смртна казна“ за поедини делови од Охридското Езеро (ТРЗ-Љубаништа 1, 2, 3 иуште некои други Љубаништа, ТРЗ Градиште, Лагадин со „медитерански плажи, палми покрај брегот на Езерото кое е Светско природно наследство ставено под заштита на УНЕСКО, уништувањето на појасот на трска и целиот литорал кај Андон Дуков, Подмоље и Калишта, уништувањето на Студенчишко Блато, уништувањето на старото градско јадро на градот Охрид, уништувањето на Националниот парк „Галичица“ со намерата да се изгради автопат од Охрид до граничен премин со Р.Албанија, Хотелски комплекс над Пештани, Ски терени со неколку ски лифтови, жичница и уште не знам колку проекти кои не смеат да се реализираат. Да не биде само Советот на градот Охрид и Советот на Општина Дебарца носи Одлука за изградба „пешачката патеката“ со големи амбиции кога ќе порасне да биде огромна плажа. И ако од Хидробиолошки завод е препорачано „патеката“ да се гради од природен материјал без употребата на армиран бетон, на потегот од Подмоље кон вливот на р.Сатеска комотно и без никаква интервенција на инспекторатот работите се одвиваат со „задоволителен интензитет“.

Целото крајбрежје кое е природен рај се уништува со градење на варварски „архитетонски“ решенија и објекти каде не може да се препознае Охрид и Македонија. Се отуѓува територија на Р.Македонија или со продажба или се дава под концесија на сосема ненормално долг период. Дури и ако сето ова се прави со најдобри намери, резултатот може дури и да се нарече предавство на националните интереси (или поточно на интересите на граѓаните на Македонија и Охрид). Од уништување на Охрид и Охридското Езеро, Студенчишта па и на Галичица опипливи бенефиции би имале само капиталистите (транзициски, новопечени или „странски инвеститори“) но не и обичните граѓани на Охрид и Македонија. Уништувањето на Охрид и Охридското Езеро како и на сите погоре посочени природни убавини е поголем криминал отколку, не дај Боже, да се сруши Ајфеловата кула или да се подигне огромен хотел во средината на Хајд Парк. Но тоа се сепак човечки творби кои се створени пред стотина години. Охрид, Езерото, Галичица се единствени во светот!

Кога велам Езерото мислам на „воениот камп“ , манастирот „Свети Наум“ со изворите и „езерото“ авто камп „Љубаништа“, „Свети Заум“, „на доле“, „Стогон“, „Вели Даб“, „Веља Пеш“,„Плоча“, „Ребро“, „Градиште“, „Круша“, „Грунци“, „Лагадин“ „Свети Стефан“, „Горица“, „Краста“, „Титова вила“, „Мазија“, „Пристаниште“, „Грашница“, „Даљан“, па се до Радожда преку „Рибница“, „Езерски лозја“, машка и женска плажа, „Врбник“, Калишта, „Света Богородица калишка“, „Елен Камен“…. Кога велам Езерото не мислам на многу кафе плажи, патеки од бекатони, паласи и метрополи. Република Македонија и Охрид треба да се развиваат но пред се да се грижат и да имаат одговорен однос кон своите природни вредности кои на граѓаните може да им донесат многу поголема корист одколку сегашното уништување и распродажба на природните добра за „шаку долара“.

Кога велам Охрид мислам на Месокастро, Варош, Канео, Табана, Ј’но, старата чаршија со калдрмата и кепенците, самарџиите, сарачите, ковачитe, мислам на Самоилова, Радничка,  мислам на четириесетина цркви во кои е отсликано нашето минато од пред илјада години, мислам на стотина приватни куќи во кои е отсликан духот на живеење на стар Охрид. Кога велам Охрид не мислам на заштитеното градско јадро со поткровја, алуминиум пластика, фасадни цигли и безброј други „архитектонски„ глупости.

Чувствувам огромен гнев и незадоволство. Може ли да се спаси Охрид, Езерото и Галичица. Може доколку пратеници во Собранието, Советниците во Општините Охрид и Струга, имаат сила дека без оглед на партиската припадност, националните и верските чувства, кажат НЕ на капитализмот кој што ни штети на сите нас; НЕ на понатамошното без обѕирно и безобразно уништување на убавина и уништување на иднината на Македонија. Ако на пратеници во Собранието, Советниците во Општините Охрид и Струга им е Македонија и Охрид во срцето треба да речат НЕ на сите деградирачки проекти за Охрид, Езерото и Галичица.

Барам помилувања за Охрид, Охридското Езеро и неговото крајбрежје, Охридското Блато, планината Галичица.

Проф. д-р Трајче Талевски

Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив