Драги политичари, позиционери и опозиционери, обединете се! Зарем после толку години копање очи едни на други, не научивте дека народот се презасити од вас!? Доволно беше, се украде тоа што беше за крадење, се грабна тоа што се грабна. Во новата 2011 година време е за една нова, една-единствена партија во Македонија! Време е за ВМРО-СДСМНЕ !!!

Во денешно време зборот политика почна да создава симптоми на мачнина, гадење, немање апетит, главоболки, нервоза и депресија. Сите оние кои се имуни на овие симптоми можат слободно да пристапат кон новата партија.
 
Заедно, сложно, братски. Така се решавале и најситните проблеми во минатото. Ако некогаш важеше мотото „сите за еден, еден за сите“ сега важи „сите за еден, а тој еден за никаде“. Дали се „комуњари“ или „вмро-овци“ нема некоја разлика, ги видовме и едните и другите, а незадоволните кои излегоа од нивните редови станаа „трети“. Очигледно е дека само кај нас во оваа наша мала Македонија им даваме преголемо значење на политиката и политичарите. Во некои одминати времиња се казнувало со каменување, а денес нашиве политичари за каква и да било грешка добиваат помилување.

ВМРО-СДСМНЕ ќе претставува спој од сите партии, ќе има заедничка програма која ќе се залага за идеалност во општеството. Позицијата и опозицијата ќе бидат минато, ќе има само позиција. Сите ќе бидат од иста партија, за да не биде партијата изговор за успех или неуспех. Граѓаните нема повеќе да ги интересира политика бидејќи секој сегмент од општеството ќе сјае, ќе функционира се како подмачкано. Воопшто нема да ни биде важно кој со каков сектор раководи. Најважно ќе биде секој да си ги завршува работните задачи.

Ако со оваа партија не се сменат работите на подобро, во иднина ќе мора да излеземе на избори, но не како досега со чист палец, туку ќе мораме да го покажеме и средниот прст!

Авторот познат на редакцијата

*Ставовите изнесени во рубриката „Писма“ се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите