Причината за овој мој допис е да ја запознаам пошироката јавност за еден невиден преседан што од почетокот на месец јануари се случува во Република Македонија, со најновите измени во Законот за безбедност во патниот сообраќај нешто што засега илјадници граѓани во оваа држава (пред се млади луѓе), одредби од законот, за кој што се поведени и две иницијативи до Уставниот суд на Република Македонија, како институција која во суштина треба да биде основоположник и гарант на Уставот, законите и уставниот поредок и владеење на правото во Република Македонија.
Поводот за овој допис е неодамнешното Решение на Уставниот суд У.Број 109/2015 -0-0 од 13.04 2016, кое што на страницата на уставниот суд беше објавено пред неколку денови, во врска со поднесена иницијатива од г-н С.Ф во име на Националното здружение на автошколи и возачи инструктори на Република Македонија, а се однесува на измените во Законот за безбедност во патниот сообраќај, со кои што за време на оспособувањето на кандидатите за возачи – теоретскиот дел и практичниот дел на обуката се воведуваат камери за аудио и видео надзор- ПРЕСЕДАН невиден досега.
Имено, било кој од нас кога се движи по улица сигурно забележал возило од авто-школа со кое се оспособува кандидат за иден возач, кој што понатака ќе може самостојно да учествува во сообраќај, се разбира после положувањето на возачкиот испит. Ништо невообичаено нели, би помислил секој. Точно, ништо невообичаено, со еден мал „незначаен детал“, – возилата се опремени со камери што овозможуваат аудио и видео запис, замислете, се движат по улица и снимаат се’, (само што овие не се комбиња), се со цел да се обезбеди доказ дека е спроведена обука, т.е. дека кандидатот ја поседувал теоретската и практичната настава. За да бидам поконкретен ќе парафразирам еден дел од законот: според член 231 став 1 алинеја 2 од Законот за безбедност на сообрќајот на патиштата, за оспособување на кандидати за возачи автошколите задолжително треба да имаат опремена просторија од најмалку 20 м2 со видео надзор, а според член 233 став 1 алинеја 3 возилата со кој што ќе се врши оспособување на кандидатите за возачи задолжително треба да бидат: опремени со соодветен уред (камера со двострано снимање со сопствен извор на напојување) кој овозможува видео и аудио запис со можност за архивирање и документирање на снимените податоци кои се чуваат во автошколата 90 дена од денот на издавањето на потврдата за оспособеност на кандидатот за возач.
Бидејќи се работи за поприлично чуствителна, а воедно и комплексна област како што е сообраќајот, без која што не може да се замисли нашето секојдневие, каде што и најмала грешка може да доведе до предизвикување на кобни последици, од суштинско значење е квалитетната едукација, од аспект на припрема, подготовка и оспособување на младите генерации – кандидати за возачи, (и не само на младите генерации, бидејќи на обука и оспособување како кандидати за возачи доаѓаат неретко и повозрасни лица) со крајна цел самостојно вклучување и учество во процесот на сообраќај и безбедно управување со моторно возило, со акцент на континуирана грижа и респектабилен однос кон сите учесници во сообраќајот несомнено е дека возачите-инструктори, и авто-школите во ваквиот воспитно-образовен процес играат клучна улога во едукација на идните млади возачи не само непосредно како возачи туку и индиректно како останати учесници во сообраќајот.
Како ресорно министерство, министерството за внатрешни работи во чиј што домен е контролата на сообраќајот, со крајна цел поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот сосема е нормално да воспостави предлог-законски мерки како и подзаконски акти и прописи кои што ќе придонесат за побезбеден сообраќај, а во контекстот на истото и да врши надзор на целокупниот процес на обука и оспособување на кандидатите за возачи, како и на работата на испитните центри и начинот и постапката за полагањето на возачкиот испит и стекнување со возачка дозвола.
Заради овие причини подносителот на законот се обидел да ја регулира оваа материја, при што повеќето од наведените законски одредби се нови и за прв пат се воведени со новиот Закон за безбедност на сообрќајот на патиштата, кој влезе во сила на 08.10.2015 година, а одредбите од законот со кои што е предвидена обврската на правните лица да се врши аудио-видео снимање при теоретското и практичното оспособување на кандидатите за возачи се применуваат 90 дена по стапувањето во сила на овој закон, поконкретно од 9.01.2016 година, при што во текот на воспоставувањето на ваквите законски решенија беше нагласено дека истите се исчекор напред во еден нов европски модел на обука.
Како непосреден учесник во ваквиот процес – со тоа што работам како возач-инструктор морам да наведам неколку практични показатели кои што можеби грешам, но мене баш и не ми соодветствуваат со европскиот модел на обука кој што се имплементира:
1. Местоположбата на т.н. полигон за обука, во нашиот град Охрид – треба ли да напоменам дека се наоѓа на гробишта (со сета почит спрема сите кои што почиваат таму) од една страна местото е несоодветно за кандидатот за возач кој што со желба и ентузијазам доаѓа на час, од друга страна секојдневно претставуваме пречка на граѓаните, кој што си ги извршуваат своите верски обреди, едноставно местото не е соодветно за таа намена.
2. Кога ќе појдете на местото т.н. Полигон за обука ќе наидете на невиден хаос од линии во кои што треба да сте виртуоз и да му објасните на кандидатот за возач дека тоа е некоја практична вежба која што ќе треба да ја совлада.
3. Полигонот за обука во Струга нема видено асфалт едно добри дваесет години, па замислете пред каков предизвик се и инструкторите и кандидатите за да совладаат одредени ситуации и да се стекнат со основни знаења а за оштетувањето и амортизацијата на возилата и да не зборуваме.
4. Замислете си уште еден куриозитет, во градот Битола во кој што се наоѓа регионалниот испитен центар не се изведува полагање на првиот практичен испит – полигон туку полагањето се врши во Ресен или Прилеп,
Вакви примери од кои што се гледа „европскиот модел на обука кој што го практицираме “ има уште но овие мислам дека се доволно. Заради сето погоре наведено новодонесените одредби во законот се крајно неосмислени и избрзани, поради што истите се нејасни противречни и дискриминирачки за субјектите за кои се однесуваат, посебно за кандидатите за возачи и возачите инструктори, нарушувајќи го нивниот личен интегритет и задирајќи во нивната приватност со можност за понатамошни бројни злоупотреби и во никој случај нема да придонесат до воспоставување на повисок квалитет на процесот на оспособување , а воедно се контрадикторни со веќе донесени законски одредби и решенија, што ги прави неодржливи од уставно-правен аспект во правниот поредок на Република Македонија.
Од овие причини до Уставниот суд на Република Македонија се поднесени две иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од законот кои што ја регулираат оваа материја.
Неоспорен е фактот дека со воведувањето на аудио и видео снимање во процесот на оспособување на кандидатите за возачи во сите фази и сегменти законодавецот планирал да се зголеми квалитетот и нивото на обука што би резултирало до еден нов квалитет на обука и оспособување на идните кандидати за возачи, меѓутоа самиот факт дека воведувањето на вакви еднострани и рестриктивни мерки без притоа да се направи една посеопфатна анализа во која би се вклучиле сите засегнати, заинтересирани субјекти и стручни лица, резултира со донесување на одредби во законот со кои што е направен ПРЕСЕДАН единствен од ваков вид, при што на кандидатот за возач и возачот-инструктор му се задира во приватноста и треба да се се снима секој нивни чекор секое нивно движење и секој нивни разговор и комуникација, со надеж дека истото ќе доведе до повисок квалитет на процесот. Морам да констатирам дека е тотален АПСУРД. Со оглед на фактот дека најголемиот дел на кандидати за возачи за првпат седнуваат зад возачкото седиште и често погледот (посебно во почетните часови на практична настава) го насочуваат спрема командите, менувачот и другите уреди во возилото, ова ќе им биде уште една прилика да гледаат и во камерата и таа да им одзема внимание и концентрација, а фактот дека секое нивно движење и разговор се снима им создава непријатно чувство и чувство на нелагодност. Секако, дека на ваквата ситуација не се имуни ниту возачите инструктори, кои што колку и да се трудат да влијаат на кандидатите да го игнорираат ваквиот елемент, не може да се неутрализира негативното влијание врз нив самите што секако негативно се одразува и на квалитетот на обуката во целина.
Доколку се смета дека со идејата за воведување на аудио-видео опрема ќе се оствари поголема контрола во однос на работата на авто-школите и возачите – инструктори заради поквалитетна обука и оспособување на кандидатите за возачи самата постапка е беспредметна со тоа што веќе неколку години постојат Регионални испитни центри како надворешни тела, независни од авто-школите, каде што се врши полагањето на возачките испити, каде што на некој начин со самото нивно формирање процесот на обука и оспособување и процесот на полагање се дисперзирани.
Според мене, кога напоменав дека е сосема нормално Министерството за внатрешни работи да врши надзор над целиот процес на обука и оспособување на кандидатите за возачи, како и постапката за полагање на возачкиот испит мислам дека тука започнува генезата на проблемите, поточно од 2007 година со формирањето на Регионалните испитни центри поконкретно со начинот на нивно финансирање а за да бидам поконкретен само ќе напоменам дека главен извор на финансирање на Регионалните испитни центри претставуваат уплатите на кандидатите за возачи, па во случајов оставам секој сам да заклучи кој е интересот на кандидатите а кој е интересот на испитните центри, во постапката на полагање на возачкиот испит. Одредбите од законот кои предвидуваат видео надзор во постапката за спроведување на возачкиот испит замислени да бидат во функција на заштита на кандидатите за возачи кои што го полагаат возачкиот испит а секако и заштита на членовите на комисијата од испитниот центар кои што го спроведуваат испитот, секако дека се оправдани, но не се клучни како решение на проблемот, така што контролата од страна на МВР врз целиот овој процес е од формална а не суштинска природа, што пак од друга страна резултира да се воведат вакви решенија со што само се искомпликува целата ситуација, предизвика бран протести и застој во работата на автошколите.
Како што напоменав предложените законски одредби, со воведување на камери се најдоа на преиспитување и пред Уставниот Суд на Република Македонија, при што изнесените аргументи од страна на подносителот на иницијативата не беа прифатени од мнозинството членови на Уставниот Суд со образложсние цит: Од изнесените уставни одредби произлегува дека пазарот и претприемништвото се слободни и дека нив законодавецот може да ги ограничи со закон во ситуација кога тоа е потребно за одбрана на државата, зачувувањето на природата, зачувувањето на животната средина или за зачувувањето на здравјето на луѓето. Притоа, обемот на опфатот на законодавецот во ограничувањето на слободата на пазарот и претприемништвото, според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, го определува самиот законодавец.
Со оглед на тоа што содржината на оспорениот член 233 став 1 алинеја 3 од Законот всушност значи обврска за автошколата, како правно лице кое врши оспособување на кандидати за возачи, да обезбеди видео и аудио запис како доказ дека спровела оспособување на кандидатот за возач, што во поширока смисла значи автошколата да обезбеди доказ за грижата за зачувување на здравјето на луѓето, на животната средина и на природата, Судот оцени дека таквата законска одредба има уставна основа во наведените одредби од Уставот. Исто така, содржината на оспорениот член 284 ставовите 1 и 2 од Законот значи обврска за автошколата, како правно лице кое спроведува практично оспособување на кандидатите за возачи, да обезбеди видео и аудио запис како доказ дека спровела оспособување, а ако нема таков доказ автошколата има обврска на свој товар да го повтори наставниот час од програмата, што повторно во поширока смисла значи да обезбеди доказ за грижата за зачувување на здравјето на луѓето, на животната средина и на природата, Судот оцени дека и овие законски одредби имаат уставна основа во наведените одредби од Уставот. Оттука, Судот оцени дека оспорените законски одредби не се во несогласност ниту со другите уставни одредби наведени во иницијативата, зав. цитат. Ако е и од Уставниот Суд многу е ……
Замислете Уставниот Суд ја отфрла нашата иницијатива со образложение дека автошколите со тоа што обезбедувале видео запис се грижеле за зачувување на здравјето на луѓето , на животната средина и природата и папагалски двапати истото го повторуваат, за да бидат поубедителни во „својата аргументација, веројатно по принцип стопати повторена лага – станува вистина. Па мислам дека подобра аргументација за да се отфрли иницијативата ќе беше да стои дека иницијативата е отфрлена со образложение дека г-н Стамен Филипов ( кој во оваа прилика го поздравувам), во моментот на поднесување на истата не носеше капа.
Сепак со посебен пиетет и почит морам да ги наведам двете потписнички на издвоеното мислење Д-р Наташа Габер-Дамјановска и Д-р Гзиме Старова кое во целост кореспондира со реалната ситуација. Со искажаното мислење овие две дами покажаа дека и во Уставниот суд имало „мажи„ кои мислат со своја глава. Секоја чест капа долу.
Морам да се осврнам на еден сегмент од образложението на уставниот суд кога тврдат дека со обезбедувањето на аудио-видео запис се обезбедува доказ за за грижата за зачувување на здравјето на луѓето, на животната средина и на природата.
Точно е дека од една страна доколку кандидатот вистински ја посетува обуката ќе биде технички поподготвен и ќе претставува помала опасност за останатите учесници во сообраќајот ако под тоа може да се подразбере грижата за зачувување на здравјето на луѓето, меѓутоа од друга страна да се тврди дека со воведувањето на камерите се штити животната средина и природата. Треба ли ова да се коментира???????? Од страна на уставните судии е искажано комплетно непознавање на позитивните законски прописи од областа на управување со отпад, поконкретно Законот за Управување со електрична и електронска опрема и отпад од електрична и електронска опрема, Законот за животна средина и Законот за управување со отпад. Напротив, овие инсталирани камери еден ден ќе станат отпад и ќе бидат и тоа како загадувачи на животната средина и околината. Уставниот суд има уште една прилика да се изјасни по друга поднесена иницијатива во врска со истата проблематика, со неколку нови елементи при што се надевам дека ќе преовлада разумот и уставните судии ќе се предомислат заради повисок државен интерес. (Имавме таков случај деновиве) .
Пред да завршам само би сакал да напоменам дека е потребно да се обезбедат услови со кои вработените лица во Министерството за внатрешни работи пред се полициските службеници од една страна и автошколите и возачите инструктори од друга страна се во меѓусебна корелација, координација и партнерски однос пред се како фактори во сообраќајот од кои посредно или непосредно зависи безбедноста на учесниците во сообраќајот, при што со донесување на законски решенија и мерки кои ќе бидат плод на една сеопфатна анализа која што ќе обезбеди услови за работа на автошколите и возачите инструктори кои што ќе ги мотивираат и поттикнат да го подигнат степенот на обука на едно повисоко ниво кое ќе придонесе до поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот.
Автор-Рајко Домазетоски
Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив
.