Некаде низ провладините медиуми прочитав дека премиерот Груевски бил во посета на циркуз. Читајќи го само насловот, помислив дека тоа било годишнината на Унијата на млади сили на ДПМНЕ. Што е и логично. Се прашувам, колку ли ја плати влезницата за овој циркуз, новинарот Миленко Неделковски и во кое својство беше таму?! Како патриот или како предавник?! Ама ајде, него ќе го оставиме за некоја наредна прилика. Туку, во некакво си видео издание, се појавија еден куп циркузанти. На купче беа. На човек, просто да му се слоши кога ги гледа.
Илија Димовски, човекот со најмногу омраза на лицето, можеби има право да зборува бидејќи беше единствениот од Унијата на млади сили кои при разделбата на ВМРО застана на страната на Груевски. Не можам да се изначудам денес, кога Антонио Милошоски, сега во друштво со омилениот Игор Гиевски, говори за своите предци и за својот национален идентитет. Страшно сум заинтересиран, дали истиот тој Антонио Милошоски смета дека Александар е нашиот корен и дали антиката е нашиот национален идентитет?! Посебно сум за него заинтересиран и за неговиот став. Се надевам дека ќе го слушнам еден ден. Мојот сограѓанин, Александар Николоски во “филмот кој не смеете да го пропуштите” говори за верба, како еден главен столб на младите. Е сега, сето тоа е во ред, се до оној момент кога човек не се присети дека тој Александар Николоски ги предводеше средношколските протести во 2002 година поради промена на име на училиште во Шемшево, а денес мудро молчи на масовната промена на училиштата во Чаир. Го видов и Спиро Ристовски. Актуелен министер за труд и социјалана политика, а поранешен претседател на УМС на ВМРО – Народна партија. Кога го гледате него, барем оние што го знаат неговото минато, си мислите дека не е можно да постои поголемо лицемерство во еден човек. Спиро Ристовски зборува за тоа што значело да си член на УМС на ДПМНЕ, за одговорност, за лојалност, за демохристијански вредности. Ви се молам, и ден – денес ги гледам снимките каде му се потсмева на Никола Груевски пред нецели шест години. И ден – денес паметам како член на ВМРО – Народна партија, не ги повикуваше ДУИ на потпишување на меморандум за соработка и изјавуваше дека не сака никаква соработка со нив, за денес дрско и без проблем да соработува со нив. Никола Тодоров зборуваше за енергија. Не знам дали да коментирам за него, човекот има црн појас во својата биографија, па малку опасно е. Ивица Коневски не го ни разбрав, но не е битно за него. Секако тој никогаш не бил дел од УМС, а и имаме сосема спротивни идеолошки гледишта. Како претпоследен се јави, идеологот. Влатко Ѓорчев. Човекот кој многу често сака да пишува, или барем така му е наредено, споредби со десницата. Само што во последно време многу затаи откако македонското достоинство се гази како никогаш до сега. Маргинализиран од својата партија, освен ако не е претседател на некој месен комитет, мораше и тој да се појави во филмот. Ама кога човек повнимателно ќе се загледа во него, лесно може да запримети како зеницата на неговото око при говорот, шета лево – десно, па ќе му стане јасно дека чита од некој идиот или лист хартија. Филип Петровски, неговиот вечен противник во внатрепартиските битки, повторно го победи. Повторно е пред него во ДПМНЕ.
На крај дојдов до главниот. Барем сега. Диме Спасов. Човек со нејасни ставови и идеологија. А тоа најмногу го знаат неговите, низ градовите во Република Македонија, кои одамна му откажаа послушност и лојалност. Тоа е нивна работа. Тука, со сегашноста немаме никаква врска, но за минатото да говори еден Диме Спасов, е тоа е иронија. Пред малкуте послушници кои му останаа, говореше за патриотизам без да им ги објасни случувањата со училиштата во Чаир и чинот во Слупчане. За образование, без да им каже како оваа влада го уништи високото образование и цели генерации. Им говореше за религија, без да им каже дека антиквизацијата всушност е паганство. Ама во ред е за тоа, бидејќи голем дел и од свештените лица, денес не ја разбираат таа работа. Ова биле вредностите кои не бледеат, а кај 95% од тие што се појавија на спотот веќе одамна се избледени. Спасов спомна и месни и општински комитети, а сигурен сум дека не знае што вусшност се тие бидејќи тој патот го започна со претседателското место на т.н. УМС на ДПМНЕ. Не ја поминал партиската хиерархија. Како и безброј други таму. УМС било пријателство, а пред мои очи, двајца најдобри другари, нивни функционери, се лажеа меѓу себе. Без трошка срам, спомна дека Македонија достоинствено ја прославила дваесет и првата година од своето постоење. Па дали има поголемо понижување за еден народ, на својот роденден да му пеат ѕвезди од поранешните југословенски простори, а на сметка на тоа, македонските да бидат маргинализирани?!
Колку само да ги потсетам сите овие на купче, Унијата на млади сили на ВМРО – ДПМНЕ на ден 26.12.2004 година донесе одлука според која се преименува во Унија на млади сили на ВМРО – Народна партија. Од цела Македонија, од сите општински комитети, единствен кој се противеше беше само Илија Димовски. Никој друг. Тоа најдобро го знаат министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и Игор Гиевски. Прашајте ги слободно. Со тоа, немате право да се повикувате на некоја историја. Фалсификувањето на историјата е карактеристично за комунистичката идеологија. А вие не сте далеку од неа. Односно, денешниве, тогаш и не беа дел од сето тоа, ама ајде. Нека знаат.
На крај, сакам да споделам едно искуство кое ми се случи пред околу една година. Имам еден познаник, кој своевремено беше за СДСМ. Јас во тогашното ВМРО – ДПМНЕ. Кога се подели ВМРО – ДПМНЕ, јас застанав зад изворната идеја, ВМРО – Народна партија, а тој, кога Тито Петковски се оддели од СДСМ, замина со НСДП. После одредено, со преминот на членови на НСДП во ДПМНЕ во Охрид, премина и тој. И пред една година, замислете, истиот тој познаник, ме покани да сме славеле 20 години од постоењето на ВМРО. Со какви ли уште иронични ситуации ќе се соочам понатаму во животот?!
Филип Јовановски,
УМС на ВМРО – Народна партија