Како поранешен градоначалник на општина Дебрца, со цел во јавноста да не постојат двоумици во однос на регионалната депонија,сакам да информирам за сите работи кои јас ги имам преземено со цел да се спречи изградбата на депонијата. Од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање на 31.10.2016 г. до општина Дебрца поднесено е барање за предлог локации во општина Дебрца на кое јас, како градоначалник, ги известувам дека нема соодветна локација за изградба на ваква депонија.   

Се до оној момент кога имаше јавна расправа за презентирање на студијата за изградба на регионална депонија во бензиската пумпа еко петрол во село Мешеишта, јас не знаев дека токму Дебрца ќе биде предлог за изградба на ваква депонија. На јавната расправа на која беа присутни жители на општина Дебрца како и сегашниот градоначалник,  јас зедов збор и категорично ја отфрлив ваквата идеја и со аргументи образложив зошто не треба да се гради. Веднаш потоа, ги повикав кај мене претседателите на месните заедници и засегнати жители од овој крај на Дебрца кои заедно со мене застанаа против идејата, за што одржавме прес конференција и упативме апел до надлежните да ја отфрлат.

Наредните денови поднесов иницијатива до советот на општина Дебрца за свикување на итна седница со единствен дневен ред РЕФЕРЕНДУМ за изјаснување на сите жители по ова прашање, која иницијатива беше отфрлена од страна на советниците од СДСМ и сегашниот градоначаник, предлагајќи некакви резолуции-декларации се со цел да нема можност да се изјаснат граѓаните.

После некое време натегања, советниците ја прифатија оваа иницијатива и конечно се спроведе референдумот на кој жителите изгласаа дека не сакаат депонија на територијата на Дебрца. Верувајте во тој период потрошив повеќе енергија отколку за кампањата на локалните избори. Бев изложен на клевети од страна на сегашниот градоначалник, а тогашен претседател на СДСМ Дебрца, до таа мера дека јас сум потпишал да се гради депонија што доведе на еден собир во с.Годивје еден од присутните да ми упатува закани за моја ликвидација.

Затоа го повикувам сегашниот градоначалник доколку има документ дека сум потпишал изградба на ваква депонија јавно да го обелодени и да престане да шири невистини. Ако нема, тогаш да престане да се занимава со мене.

Исто така го повикувам премиерот Зоран Заев да ја почитува волјата на жителите од РЕФЕРЕНДУМОТ кој е 100% успешен по примерот на референдумите од другите општини каде се затвораат рудници, да ја отфрли идејата за изградба на депонија во Дебрца и да стои на ветеното во Белчишта дека НЕМА да се изгради депонија.
Жителите на Дебрца ја имаат мојата подршка во борбата против ваквата идеја и заедно како и до сега ќе бидам на страната од народот.

 

Игор Трајкоски
Поранешен Градоначалник на Општина Дебрца  

 

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите