Тогаш не сум зафатен со пари. Со привремени ајкулски таксисти. Ги заборавам формула 1 акциите и моите сафари авантури. Кога сакам едноставно со малиов и неговата детска количка нормално, лесно и безбедно да се движам од А до Б. Избегнувам бурни случки. Одам по обични улици, населби. Сведок сум на спонтаноста. Далеку од отворената вода, прекрасните планини и од предосадните, грди маркетиншски изрази. Во езеро или на плоштадот.
Бетон, црвени блокови и нефасадирани објекти. Брзо остарени, неквалитетни нови згради. Нагмечена густина. Опасни дупки. Отпад. Бездомници. Гнасни, сплескани мачки. Ако го гледам ова се, тогаш го гледам вистинскиот Охрид. Среќен сум дека секое утро околу 5.30 ч. го уживам ова време. На „Туристичка“ од далеку доаѓа кола што бучи. Забележувам возач кај што доаѓа кон мене. И менува тешко брзини. Сигурно истовремено има цигара на усните. Одалечен од два километри го слушам трепетливниот мотор. Што повеќе се приближува звукот ми е познат. Минувам покрај тишинита од пазарон. Еј да. Погодив. Застава, 101. Од 1978 година. Црвен. Како да знаев.
Ништо не е поубаво од Охрид помеѓу 5.30 до 7.45 часот. Најмртов дел во денот. За мене најомилен момент. Било каде во градот или покрај езеро. Никнуваат татковци и мајки од сокачиња како мирољубиви гулаби. Одат во раните утрински часови да се потат и да се мачат за сиромашни плати, во лоши услови. Од 8 часот однесувањето на народот и зборовите се менуваат, на друго, погрубо ниво. Семафорите веќе се во шема. Цел ден автомобилите се како оркестар без ритам и без диригент. Секој еден има свој дел во охридската летна опера. Возачите (Македонски и странски) веднаш не застануваат повеќе на пешачки премин. Во охридскиот хаос тешко е да се бара безбедност, мир и тишина.
Исто така, контра-тишината, мој фаворит настан е прошетка до автобуска станица. Кога сонцето попладне максимално пече. Ги гледам граѓаните како се борат во овие тешки времиња. Во не-организирано организирано сценарио. Срцата им чукаат брзо-бавно, бавно- брзо. Крвта им врие во пекол. Секој еден бара нешто. Среќа, надеж, некој денар. Се се’ случува на 50 метри квадратни. На турбо ниво се прави сериозен бизнис. Нема зафрканции. Кој како ќе се снајде. Некогаш ќе седнам на клупа. Ќе јадам кај трафикине ладен сендвич со ладно сокче. Сведок сум на упорна посветеност кон туристите.
Кога гостите конечно брзо излегуваат како сардини од сауна-автобус, испотени, уморни од пат, за добродојде добиваат директен поздрав од врел асфалт. И тогаш пензионери, жени во средни години, млади типови и типки, сите подготвени со фотографии, каталози од нивните палати. Гласно ги напаѓаат како пчели очекуваните гости. Слушам преговарачки тактики. Во таков момент се трудам да се префрлам во просечно охридско семејство. Се работит за мали разлики, за 50 до 70 денари. За соба без или со купатило, редовно топла вода, свој влез, паркет или плочки, или балконче на север. Има недоразбирање дали се работи за стан или за куќа или за летна кујна. Сите сакаат да знаат колку далеку треба да одат до центар. Чудно сите што нудат сместување живеат максимум пет минути до чаршија. Кутрите товарените со ранци, појма немаат.
А, има и класични, праксирани издавачи. Без мапи. Претежно се тие мажи со постари „точаци“. Тие не користат многу зборови. И тие се паметно позиционирани. Неколку метри одалечени од цел филм и сите карактери. Чекаат. Тивко. Точно да имаат визуелен контакт кога на младите туристи веќе им е стемнето од цени и жестока галама. Е тогаш спас му е мирниот, пријатниот, симпатичниот господин што е сплотен со неговиот сакан велосипед. И ете заминуваат. Еден среќен од лотаријата им ги носи торбите на точак и пешачат до непознат, непредвидлив охридски двор. Верувам дека ќе се задоволни и сигурно уште попат ќе се спријателат со среќниот чичко.
Еден ден за еден турист е во таа тротоарска битка исто вредно колку еден хамбургер, пиво, кутија цигари, евентуално едно кафенце и пакетче мастики; 300 до 350 денари. Да. За што зборуваме. И тоа е Охрид. Голем респект за сите херои кај автобускана! За нивниот морал. Не се предаваат. Во спарните тешки летни моменти. Јас после уличната претстава одам дома и неможам да чекам до другиот ден. Во 5.30 сатот. Во тишината на Охрид.
Влатко Амстердам