Читајќи го писмо од читателката Билјана и нејзините размислувања, бев испровоциран да дадам одговор за проблемот со бучавоста и тоа како граѓанин кој живее токму во строгиот центар на градот, во таканареченото „заштитено јадро на градот“ (иако повеќе е од очигледно дека ама баш ништо не е заштитено).

Велите дека летово, поготово последниве неколку дена, музиката од кафулињата е прегласна и не можете да спиете дури ни Вие на периферијата.

Се прашувате дали воопшто спиеме? Не, воопшто не спиеме, за жал. А не дека не сакаме, напротив, сакаме како сиот нормален свет да спиеме и да се одмориме за следниот ден да бидеме способни за работа. Но не можеме, не ни допуштаат токму тие што треба да работат за нас и да не заштитат, токму оние кои се избрани на функција од нас и кои од нашите даноци ги остваруваат своите приходи.

Ги споменавте болните, ожалостените и постарите луѓе кои се вознемируваат и од најмал звук. Но кој друг нив ги споменува? Кому му е гајле за нив? Или пак за нас, што секојдневно мораме да голтаме седативи (а сме потполно здрави) само за да не зашеметат и барем малку да поспиеме?

Реакции од граѓаните од најпогодените делови на градот (стариот дел на градот и кејот) постојат и се секојдневие кај надлежните служби – полицијата, инспекциите и локалната самоуправа. И медимумите овој проблем со години наназад го истакнуваат како најголем проблем на градот. Значи надлежните многу добро се запознаени со оваа проблематика. Токму и пред недела дена, на седница на советот на општина Охрид имаше реакција од група на граѓани од Урбана заедница 1 – Стар град против предлогот за продолжување на работното време на угостителските објекти, дури и дел од сопствениците на угостителските објекти (ноќни клубови) беа против ваквиот предлог, но сепак, советниците останаа глуви и слепи за тоа, па работното време го продолжија дури и за 2 часа. И тоа едногласно! Се прашувам во чиј интерес работат советниците на општина Охрид? Дали во интерес на граѓаните кои ги изгласаа за да работат во нивна полза, или пак се платеници на локалните моќници, сопственици на дел од угостителските објекти. Дури еден од советниците се осмели да излезат со крајно дрско и навредливо образложение дека Охрид сепак бил туристички град и граѓаните требело да се стрпат! Ајде де! Ние, пак, граѓаните, мислевме дека Охрид е сточарски град, но можеби таков впечаток сме добиле од начинот на кој не третирате. Епа, господине Т.Т. и останати советници, нашето трпение е при крај, не можеме уште долго да дозволиме да гледаме како свесно, за лични интереси, додека ние се „стрпуваме“, го уништувате нашиот сакан Охрид и го претварате од центар на културата и духовноста во центар на кичот и невкусот!

Александар

* Ставовите изнесени во оваа рубрика се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите. Текстот не е лекториран и е објавен во оригинал.