Како што тазе – испиленото пиле ја следи својата мајка, како најзначајното и единствено нешто во својот живот, така и секое дете, повеќе или помалку, ги следи своите родители, во различна смисла. Децата се огледала на нивните родители – несомнено најзначајни социјализатори и модели на идентификација. За секое дете неговата мајка е најубава, за секое дете неговиот татко е најсилиот. Без оглед на тоа што се поврзани со родовите улоги, атрибутите, кои децата ги придаваат на родителите, се секогаш во суперлатив, што како уште еден доказ потврдува дека тоа се едни од нивните најзначајни личности во животот. Но, врската е взаемна. Веројатно, родителството е најодговорната животна задача!
Според редоследот на задоволување на потребите на човекот, логично е, но и теоретски потврдено, дека најнапред се задоволуваат биолошките потреби, па потребите кои произлегуваат од социјалната природа на човекот, за на крајот да се задоволат оние виши потреби за самоактуализација.
Културните потреби, како неминовност на секоја цивилизација, се создале од социјалната страна на човековото битие, која е не помалку важна при доживувањето на сопственото ЈАС, односно, сопствената идентификација. Родителите се тие кои ги задоволуваат, но и создаваат и овие потреби.
Дека културната свест кај децата на денешницата, народно кажано, е закржлавена, покажуваат и резултатите на едно неодамнешно истражување спроведено од Младински Совет Охрид, во основните и средните училишта во Охрид, врз 1200 испитаници, составена од само едно прашање од отворен тип: ,,Наведи 5 културно-историски споменици во Охридскиот регион,,. Иако одговорите на ова анкетно прашање беа потреби за сосема други намени, како дел од проектот ,,ГО САКАМ ОХРИД,, загрижуваат добиените резултати. Всушност, резултатите покажаа дека децата го идентификуваат споменикот на Св. Кирил и Методиј и споменикот на Св. Климент, објекти кои (не)случајно се поставени на средината на охридскиот плоштад, најфрекфентното место, центарот на Охрид. Ми се поставува прашањето, зошто перцепцијата на младите се заснова на едно конкретно ниво, според принципот на видливост и достапност? Точно е дека испитувањето на „културната свест“ кај младите не може да се изврши со само едно поставено прашање, но уште поточно е дека оваа иницијатива е единствена и значителна во смисла на освестување на родителите за тоа, до каде стигнале нивните деца.
Но, родителите во нашето „транзициско“ општество (термин кој толку често е употребуван, што постанува синоним), во најголем дел, речиси едвај да стигнат да ги задоволат основните потреби (за храна, вода, сигурност), додека „изговорот“ за тоа што не се во можност да ги задоволат културните потреби го бараат во нивната измореност при задоволување на првите. До некаде тоа е точно, доколку се земе во предвид дека тие родители го почувствувале „убавото време“. Сега се прашувам, кој е посреќен? Дали тие генерации кои од високо се спуштиле на ниско, или овие генерации кои, во најголем дел се на дното?
Несомнено нешто не е во ред со вредносниот систем. За некои и понатаму е најважно што нивната ќерка има француски маникир, (а има 14 години), или синот има совршено изградено тело (благодарение на „хемијата“ која ја земаше). Зошто вакво постојано потенцирање и истакнување на важноста на телесниот изглед, односно надворешноста, кога во суштина сме толку празни со „културни“ содржини? Зарем не е тоа маската на „нашето„ време? Што се случи со посетите на театарските претстави, гледањето на кино проекции или посета и запознавање на нашето богатство- црквите и историските градби како што нашите родители тоа го правеле? Или е така лесно да го негираме, односно да не го признаваме нивното значење (мислам на вандалските чинови) …
Училиштето, како секундарен социјализатор, акцентот го става врз едукацијата на децата. Во тој контекст е и изјавата на едно лице од стручната служба на едно училиште, дека „училиштето нема воспитна, туку едукативна функција“. Ајде да ги разберам и наставниците, имаат премногу обврски и барања „од горе“. И плус тоа, тие не се виновни што родителите не ги „воспитале“ своите деца. Третиот фактор на социјализација е „улицата“, или по ново – „кафичите“.
„Денешните деца немаат почит кон никого, немаат изграден вредносен систем“. Како се дефинирани вредностите? Вредностите, без разлика какви се, ги определуваат човековите активности и му даваат смисла на животот, а родителите го пренесуваат својот вредносен систем врз децата.
Родители, фатете ги децата за рака и прошетајте. Тоа е старомоден, но одличен начин да бидете со Вашите деца, да разговарате, но и да ја започнете културната едукација и социјализација. Одличен начин да ги внесете Вашите деца во културниот свет на изграден вредносен систем на цврст однос кон историското и културно богатство. Само на тој начин, како и нашите родители, баби и дедовци кои го правеле тоа, ќе успеете да изградите цврст однос кон културно- историските објекти.
Децата учат од најзначајните модели во нивниот живот – родителите. Несебичното споделувајте ги вашите сознанија во вид на приказната – „токму на ова место, пред толку години… “ На овој начин ќе изградите длабок однос на почитување на одреден културно-историски споменик, кој во текот на животот ќе остане врежан во свеста на вашето дете.
Младински Совет Охрид
Елена Каневче, Дипл. психолог
*Ставовите изнесени во рубриката „Писма“ се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.