Минувајќи секојдневно покрај Споменикот на револуцијата во Струга се згрозувам од глетката – неговата запуштеност и фазата на распаѓање во која се наоѓа.


Овој монументален комплекс во Струга е еден од најголемите и најубавите споменици во Македонија,  (може да се рече и пошироко) подигнат во спомен, чест и слава на жртвите кои ги дадоа Струга и Струшко во Втората светска војна и Народно-ослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 година.


Од Струга и Струшко, во оваа славна епопеја за создавање на денешната држава – Република Македонија, учествуваа околу 3000 борци што претставува околу 10% од тогашното население на Општината Струга. Од нив, над 10% го дадоа својот живот за слободата во борбите со окупаторите и нивните домашни слуги и уште толку загинаа како жртви на фашистичкиот терор низ Струшкото поле, во Радолишта и т.н. или вкупно околу 700 животи од Струга и Струшко се положени во темелите на денешна Република Македонија. За сите нив говори монументалниот Споменик на револуцијата.


   
За жал, Општина Струга и градоначалникот, по се изгледа, потполно заборавиле на него. На него, се чини, заборавила и организацијата која ги негува традициите од НОАВМ 1941-1945 – Сојузот на борците од Струга.
   
За илустрација дека е тоа така говорат и неколкуте фотографии снимени овие денови на ова свето место. Од нив може да се види состојбата во која се наоѓа руинираниот споменик во центарот на туристичка Струга.


    
За жал и по се изгледа, нашата државна и локална власт како сето тоа да не ја интересира, како Споменикот на револуцијата во Струга да се наоѓа на Марс и како да му припаѓа на некој друг, а не нам. Жалосно но, без оправдување за одговорноста на институциите.

Љупчо Пинтоски, Струга

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни  се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.