Времето незапирливо тече, се менуваат генерации. Секое време носи нови навики, нови личности, нови вредности. Последниот период  донесе големи промените во начинот на живот и менталитетот на луѓето  воопшто, па се добива впечаток дека спомените за минатото, поблиското или подалечното,  стануваат  привилегија на се помалку луѓе. Но, постојат датуми трајно запишани во нас, па споменот за нив сакаме да го споделиме со другите.
      
На 2 февруари 1983 година, престана да чука големото срце на д-р Елена Етингер Каваева. Следниот ден, 3 февруари, по многу студено време и лизгави улици, илјадници луѓе од Охрид,  но и од Струга, Скопје и од други места со невиден респект  ја испратија својата сакана докторка Елена Каваева до нејзиното вечно почивалиште.  Долгата, тажна поворка  се запре пред  Здравствениот дом “Маларична”  каде таа помина голем  дел од својот живот. Нејзиниот колега, примариус  д-р Владо Константиновски, со топли зборови се прости од неа во име на целиот персонал што со д-р Каваева работеше долги години. За нејзиниот бурен живот и богат професионален ангажман, како и за нејзината голема општествена активност, пред одарот од неа  се простија професор  д-р Софијанов, како претставник на Републичкото здружение на педијатри на Македонија и Петар Василевски, претседател на Извршниот совет на Општина Охрид.
     
Масовноста на оваа тажна манифестација беше уште едно оддолжување на  населението од Охрид кон саканата докторка, која тука живееше и работеше непрекинато од 1927 година. Својата почит и благодарност кон неа, охриѓани ги покажале за време на Втората светска војна. Д-р Елена Етингер и нејзината ќерка Регина се нашле на фашистичкиот список за интернација. Но,  со големо залагање  на видни граѓани, роднини и пријатели на семејството Каваеви, била напишана петиција со 700 потписи  што била предадена лично на  бугарскиот цар Борис и на премиерот на Владата во Софија. Со најпофални зборови за стручноста и посветеноста на докторката, со авторитетно тврдење дека станува збор за грешка, со оригинални  документи  од православната црква за струшкото потекло на нејзиниот веќе починат сопруг  д-р Владимир Каваев и со  црковното крстително за ќерката Регина,  остроумните охриѓани успеале во последен момент да ги спасат  од интернација во концентрациониот логор Треблинка. За овој настан д-р Каваева раскажуваше со голема возбуда, но и со нескриена гордост дека и стружани за истата цел собирале потписи. Но, тие биле неважечки за бугарската власт,  зошто Струга во тој период била под италијанска окупација. За овој своевиден историски подвиг на охриѓани, евентуални идни истражувања во Државните архиви на Бугарија  треба да дадат подетални податоци. 
      
И денес после полни три децении спомените не бледнеат. При секое минување пред “Маларична”  како да го слушаме специфичниот глас и збор, впечатливиот нагласок на искусната докторка, доајен на македонската педијатрија, која многу посветено, најчесто со продолжено работно време, неуморно работеше. Просториите скромни, но секогаш беспрекорно чисти и проветрени, а соработниците оддани, вредни и со огромна љубов кон својата професија: Венера Кичеец, Аспасија-Паса Чудова, Слава Коцова, Маре Мандулова, Елена Митреска, Спаса Велјаноска други. Илјадници пациенти, најмногу доенчиња, деца и младинци од  Охрид и околината беа најсовесно лекувани, вакцинирани,превентивно прегледувани, испраќани на лекување и рехабилитација во разни специјализирани установи во тогашна Југославија. Мајките беа советувани како најдобро да се грижат за здравјето на своите деца, а пред се како да ја одржуваат хигиената. Д-р Каваева повеќе години го раководеше и првиот Родилен дом во Охрид, каде секојдневно доаѓаше да го контролира здравјето на новороденчињата и да ги советува мајките дека мајчиното млеко е најдобра храна за нивните бебиња. Како основач и прв раководител на Центарот за заштита на мајки и деца континуирано ги едуцираше трудниците, ги советуваше жените да го планираат семејството, држеше разни предавања од областа на превенцијата. Не ретко и пред Судот застануваше во одбрана на самохраните мајки, на онеправданите жени, на бедните семејства. Одлично пишуваше и зборуваше руски, германски и француски јазик и со тоа остваруваше директни контакти со многу хуманитарни и здравствени организации во светот (посебно со Главниот одбор на Црвениот крст и со UNICEF), а со цел што подолго  да им се помогне на ранливите семејствата и посебно за  децата од Охрид да се обезбедат квалитетни вакцини и бесплатни оброци во градинките и училиштата. Овие нејзини активности беа дел од нејзиниот котинуиран ангажман во Општинскиот Црвен крст и организацијата на жени АФЖ.


1958г – .Д-р Елена Каваева со своите соработници и со вработените во Забната амбуланта

       
Д-р Елена Каваева,заедно со нејзиниот сопруг д-р Владимир Каваев, дадоа огромен допринос за подигнување на квалитетот на здравствено-хигиенските услови за живот во Охридско-струшкиот регион, а и пошироко. Докторката Каваева, родена и школувана  во богато семејство во Полска, заради големата љубов и почит кон својот сопруг, заедно со него дошла во Струга, а покасно во Охрид. И по прераната смрт на саканиот Владимир (1931год.), останала  да живее и работи во Охрид. Остана  да му служи на дел од народот на Македонија за која често велеше дека е нејзина втора татковина.


1950год. – 1954 год. – Одбележување на Детската недела (Со мајките и бебињата)

 
Бурниот животен пат на брачната двојка Каваеви повеќе од шеесет години побудува интерес кај  јавните средства за информирање од земјата и од странство. Најчесто тоа беа интервјуа со д-р Каваева или со нејзината ќерка Регина. Книгата  ” Д-р Владимир и Д-р Елена Каваеви” на авторите примариус д-р Стојан Ковачески и професор д-р Марјан Димитријевски, која се промовира во Струга во 2010 година, секако е најзначајно и најобемно дело за нашите великани.
    
Фотографиите во прилог на текстов се позајмени од богатата архива на познатиот охридски публицист, општественик и голем театарски ентузијаст Благој Кичеец. Неговата сопруга, медицинската сестра Венера Кичеец беше првата и најдолгогодишна соработничка на педијатарот д-р Каваева. Нивната професионална дружба се преточи и во искрено пријателство кое траеше до крајот на животот на докторката. Двете семејства во секоја прилика  покажуваа меѓусебна неизмерна почит и љубов. При последната средба  со чичко Благој во неговиот дом, тој раскажа :
      
“За докторката Каваева можам со часови да зборувам. Ние долги години секојдневно контактиравме, разговаравме, се дружевме и после работното време. Се восхитував на нејзината посветеност кон работата и бескрајната совесност и хуманост.  Ординирањето во Маларична во почетокот се одвиваше само во една смена, зошто немаше друг педијатар. Се случуваше, не ретко, д-р Елена да се врати да работи и во втората смена за да не ги остави болните да чекаат до другиот ден. Секако со неа се враќаше и целата екипа. Во почетните години, докторката сама ставаше и инјекции, немаше доверба во никого. Д-р Елена знаеше да ме замоли да одиме со моето возило до некое село за да прегледа некого или да доведам некој пациент на контрола во ординацијата. Кога држеше приватна пракса во нејзиниот дом, чекалната беше секогаш преполна со пациенти од од целиот регион и од сите етникуми. Пари таа никогаш со рака не зеде! Тоа го правеа нејзините помошници. Често, ако пациентот беше сиромашен докторката ќе наредеше: ” Не му земајте пари и дајте му пари за иљачи!”    


Од секојдневната пракса – Д-р Каваева со медицинската сестра Венера Кичеец

Времето минува. Се менуваат генерации. Спомените за оние кои со својата пожртвуваност и самопрегор оставиле траен  белег во животите на   генерациите кои незапирливо си заминуваат, да ги освежиме и со поставување на соодветни обележја. А докторката Елена Каваева навистина заслужува нејзиното име да го носи Педијатриското  одделение во Медицинскиот центар Охрид или амбулантата “Маларична”. Ова нека биде скромен допринос кон многубројните предлози што многупати на истата тема ги имаат давано повеќе значајни луѓе  од Охрид и пошироко. Само како идеа и поттик, овој предлог нека биде ставен во предизборната активност на некоја политичка партија, на Здружението на жени ”Бисера” или на Општинскиот Црвен крст. Верувам дека ова ќе предизвика позитивен ефект и кај новите генерации.
                                                                                         
Виолета Карадимче Јанева

*Ставовите
изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и
редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на
истите.