Бидна што бидна. Списоците ги видоа сите. Сега се поставува прашањето: Што понатаму?! Сега под дрво и под камен го бараат изворот од каде што излегоа списоците. Но што и ако го најдат? Ќе го казнат по некаков си нивни партиски принцип и мислат дека со тоа го средиле целиот проблем. Најпријателски им порачувам, на состаноците што им следат наместо упорно да го бараат “кртот” во нивната партија, нека продискутираат малку за начинот на нивното политичко делување и дали сакаат да ја водат напред Република Македонија и да ја внесат во Европската унија или да ја дотурнат на маргините на пропаст. Ако не знаат како, им препорачувам нека го видат моделот на владеење во Република Македонија од 1998 до 2002 година.
Цело време размислувам, па еве и дури го пишувам овој текст, се обидувам да ја најдам пораката во целава оваа ситуација што сакаат да ни ја пратат. Дали сакаат да ни порачаат дека ние младите кои не сме нивни членови, без разлика дали припаѓаме на некоја политичка партија или не, немаме што да бараме во нашата држава и спасот треба да го бараме надвор од државата и таму да ги истакнуваме нашите квалитети и способности?! Не знам, можеби сакаат да порачаат дека со секоја издадена диплома за образование треба да се доделува и членска книшка на ДПМНЕ за сите да бидеме еднакви.
Како и да е. Сметам дека ваквите работи се со голема тежина и важност за развојот на нашето општество. Сметам дека во Република Македонија еднаш засекогаш треба да престанат овие сплетки. И многу такви слични на нив. Никој нема да ни е крив што ќе добиваме негативни извештаи од Европската комисија.
Случајно или не, пишувајќи го овој текст ја слушам песната “Тие” од Игор Џамбазов. Во неа навистина многу ги пронајдов членовите, а пред се челниците на ДПМНЕ. Би можеле да ја искористат за химна на следните избори. И така нивни најголем аргумент во предизборните кампањи им се химните кои ги менуваат на секој изборен циклус.
Филоп Јовановски
Авторот е претседател на УМС на ВМРО – Народна партија – Охрид