Во нашата редакција пристигна писмо, потпишано од група граѓани во кое се критикува процесот на донесување и на просторните и урбанистички планови од страна на Советот на општината. Писмото го објавуваме во целост, а веднаш потоа и одговорот кој го добивме од надлежните во Општината.

Дозволете пред се` да ја поздраваме Вашата редакција и воедно да го изразме нашето задоволство што сите ние, каде и да сме, добивме медиум кој навремено и објективно ја информира јавноста за актуелностите поврзани со нашиот град.
Ви се обраќаме со молба доколку тоа Вашата уредувачка политика го налага, да објавите прилог во кој ќе се осврните на процесот на донесување на просторните и урбанистички планови од страна на советот на општината. Ова го бараме бидејќи сметаме дека овој процес се одвива крајно неефикасно. За тоа сведочат и неколкуте последни седници на советот на општината, на кои точките од сферата на просторното и урбанистичко планирање беа повлекувани од дневен ред. Понатаму во прилог на нашето барање можеме да го наведеме и нашиот конкретен пример, во кој повеќе од четири години чекаме на донесувањето на деталниот урнбанистички план на урбаниот модул 6 од поширокото централно градско подрачје. Се прашуваме уште колку долго треба да чекаме на донесувањето на овој план, со кој очекуваме да ги разрешиме меѓусебните имотно правни односи кои произлегоа откако со процесот на денационализација ни бешевратено во сопственост градежно земјиште.
Нашиот впечаток е дека овој процес се одвива некоординирано, односно е препуштен сам на себе. Еве на пример предлог програмата за изработка на урбанистички планови за 2007- ма година после одлагањето за некокуте наредни седници, на последната седница на советот беше симната од дневен ред.заради обезбедување на мислење од партиципативното тело. Значи најпрво требало да се обезбедни мислењето, согласно законот за просторно и урбанистичко планирање и дури потоа предлогот да се стави на дневен ред.
Се надеваме дека ќе излезете во пресрет на нашето барање, дотолку повеќе што се работи за сфера која е мошне актуелна и која го привлекува вниманието на голем број граѓани.

Благодариме на отстапениот простор
 Група граѓани

Бидејќи содржината на писмото најмногу го „допира“ секторот за урбанизам при Општина Охрид, мислење побаравме од Бранко Арнаудов – раководител на секторот:

„Според Програмата за донесување и изработка на урбанистички планови, која е финансирана дел од буџетот, дел од правни и физички лица, дел од министерството за транспорт и врски – секторот за урбанизам ги изработува и донесува плановите за подрачја кај што нема планска документација, како и измена, дополнување и усогласување на постојната планска документација со новите прописи. Веќе на следната седница на Советот која е за неколку дена, ќе се расправа и ќе бидат носени одлуки по 13 точки од кои првите 9 ќе бидат на оваа проблематика“ вели Арнаудов.

С.К.