Промената на државниот идентитет нема никакви последици врз етничкиот идентитет на Македонскиот народ

Последните денови и недели се повеќе слушаме во јавноста дека со промената на државниот идентитет ќе се загрозел „националниот“идентитет (ние етнолозите повеќе претпочитаме да се користи терминот етничкиот, бидејќи терминот „национален“ има сосема друго значење, а во најголем број на случаи во земјите на ЕУ под националност се подразбира државјанство). Ваквите тврдења па дури и од одредени академици, во најмала рака се ненаучни, па дури можеме да кажеме и тенденциозни. Со оглед на тоа дека очекував некој од моите колеги етнолози да излезе во јавноста со побивање на ваквите ненаучни тврдења, еве тоа ќе го сторам јас, бидејќи не сум вработен во државна институција, па можеби и помалку размислувам за последиците со кои можат да се соочат моите колеги вработени во државните институции.
 
Државниот и етничкиот идентитет се две сосема различни категории на идентитети, и тие никаде, па и во Р. Македонија, не настануваат и не се развиваат заедно. Етничкиот идентитет на Македонците е многу постар и  настанал со векови пред државниот идентитет, и се простира на територија многу поголема од колку што е Р.Македонија.

Идентитетот во суштина е субјективна категорија, и тежи кон објективизација на истиот. Објективните параметри на етничкиот идентитет на Македонците се од една природа (јазик, етногенеза, етничка историја, материјална, општествена и духовна култура), а на државниот идентитет се од  сосема друга природа (државен систем, органи на државата, територија на која државата функционира, границите, структура на населението, правниот систем, меѓународно признавање, историја на државата итн.).
 
Според тоа, да се направи знак на еднаквост меѓу државниот и етничкиот идентитет е небулоза, а ако таа небулоза се шири во јавноста со цел да се заблуди јавното мислење, тогаш тоа има опасност да стане и вистина. Всушност, ако се твдри дека со промена на државниот идентитет се загрозува етничкиот, тогаш тие што тоа го тврдат несвесно ги подржуваат оние кои на големо зборуваат дека „Македонскиот идентитет и народ се Коминтерновкса творевина“.
 
Во светот има многу примери каде што етничкиот идентитет не е идентитечен на државниот, како што е државата Велика Британија (во која живеат Англичани, Велшани, Шкоти, Ирци) потоа државата Белгија (во која живеат Фламанци и Валонци), Швајцарија во која живеат (Реторомани, Германо-Швајцарци, Итало-Швајцарци и Франко-Швајцарци) итн. Впрочем и ние живевме во држава СФР Југославија во која македонскиот идентитет ја доби својата најголема афирмација, и кога Македононецот можеше слободно да го изјасни својот идентитет и да ја развива својата специфична македонска етно-култура, а според многу луѓе што живеле во тоа време тогаш се чувствувале поголеми Македонци, отколу сега во независна и суверена Р.Македонија.
 
Македонскиот идентитет опстојувал низ векови и кога врз него имало вистински етноцит и култроцит, и кога имало обиди за асимилација и кога за македонското име се губел живот, а сето тоа се случувало кога Македонците немале свои државни иституции.
 
Кога зборуваме за идентитетите, не знам колку сме спремни да го прифатиме европскиот идентитет и симболи, ако имаме намера да одиме кон европските интеграции. Интергацијата, за разлика од асимилацијата, е доброволен процес. Со други зборови тоа би значело, колку сме ние доброволно спремни нашите етнички симболи и културни вредности (Сонцето, лавот, Св. Климент Охридски, тавче гравче, мијачките копаничари и зоографи итн.) да ги ослободиме од македонските етнички граници, за да секој Европеец ги чувствува како свои европски симболи и културни вредности. Потоа обратно, дали и колку сме спремни да ги прифатиме симболите на идентитетот и културните вредности на другите европски народи како наши, бидејќи и ние еден ден ќе се чувствуваме како Европејци, а тие симболи и културни вредности се: Колосеумот, Акрополот, Стоунхејџ, Ајефеловата кула, Атомиумот, и многу многу други, па не исклучувајќи ги и тие настани и личности кои во нашата македонска историја се како негативни појави и личности, но во историјата на другите народи се позитивни, како на пример крстоносните војни што кај нас направија пустош, но Европејците се гордеат со нив. За жал има и уште по фрагратни примери како што се Метаксас, Васил Левски, балканските војни, па и Тодор Александров, кој за европејците- Бугари претставува еден од симболите на бугарската историја. Ако, ние сакаме доброволно да се интегрираме во евроските интеграции, европскиот идентитет ќе треба да го ставиме пред етничкиот, а тоа е процес кој сега можеби со последните настани за името и за Тодор Алексанров, започнал. Ако пак етничкиот идентиет ни е пред европскиот тогаш, тоа треба да го решиме сега и да започнеме нов процес, каде што ќе пронајдеме други интеграции. Всушност, ние сме наследнци на една земја што го иницираше движењето на неврзаните земји во светот, па никогаш и не е доцна таму повторно да се интегрираме. Од друга страна пак Русија сигурно и со големи чекори се враќа на светската сцена и мислам дека за скоро време можеби и би се каеле доколку направиме отстапки со името како компензација за влез во НАТО и ЕУ.
 
На крајот, сакам да укажам дека оваа мое обраќање е со цел да при евентуален неуспех на Р. Македонија во евро-атланските интергации, не би требало да се правдаме дека сме го штителе етничкиот идентитет на Македонскиот народ, бидејќи еден народ може да живее во држава или држави со име кое не мора да го содржи името на доминатниот етнос во државата. Но, во овој случај, во сите  понудени предлози на медијаторот Метју Нимиц, стои името Македонија, така да сме добиле и повеќе од што  имаат голем број народи во светот, кои  ја немаат таа среќа да имаат своја држава, а да не зборуваме за име на државата во кое е содржано името доминатниот етнос. 
 
Господа, ако сме за евро-интеграции, прекините со познатите балканско „за инат“, јасно е дека во евро-атлантските интергации не можиме без грчкото, а гледаме дека се наметнува и бугарското „амин“. Македонија веќе изгуби 18 години во транзиција, зар треба уште да пати и да биде заблудуван овој препатен народ овој пат со „свој стап“.

       Рубин Земон
      авторот е доктор по етнолошки науки

Важно:

Редакцијата на ohridnews.com не се согласува со сите изнесени ставови и мислења на авторите на текстовите кои се објавуваат во рубриката писма. Ставовите изнесени во рубриката Ваши ПИСМА се ставови на авторите и редакцијата на ohridnews.com не сноси одговорност за изнесеното во текстовите. Редакцијата во текстовите на читателите врши само корекции кои не ја менуваат содржината.

Од редакцијата.