Пред извесно време во Охрид, во својата деветта деценија од животот, почина РЕГИНА единствената ќерка на Д-р Владимир и Д-р Елена Каваеви, брачниот пар кој даде значаен белег  на здравството и здравственото просветување во Охрид и Струга во минатиот век.

Стружанецот Д-р Владимир Каваев и неговата животна сопатничка Д-р Елена Етингер Каваева, родена во Полска, биле активни учесници во големата Октомвриска Револуција и како лекари, но и како непосредни активисти и блиски соработници на Ленин.
   
Големата желба на Д-р Владимир Каваев да се врати во родниот крај и да му помага на сопствениот народ е пресудна, па брачната двојка заедно со единственото чедо, ќерката Регина во 1924 доаѓаат најпрво во Струга, а потоа се преселуваат во Охрид. Двајцата сопружници неуморно лекуваат, едуцираат, активно делуваат во разни сегменти од општественото живеење. Во регионот во тоа време имало малку лекари, а маларијата била голем проблем за населението. Д-р Каваев како градоначалник на Струга дал голем допринос да се подобри квалитетот на животот на народот. Најзначајно е тоа што организирал да се санираат мочуриштата како извор на зарази и неуморно делувал да се формира првата Маларична станица во Струга (1923г.) и нејзината филијала во Охрид (1927г.)

Д-р Елена Каваева со невиден жар го лекуваше населението не само во Охрид и Струга, но и во околината, па и во делови од Албанија. Таа, со својата ќерка остана да живее и работи во Охрид и по прераната смрт на сопругот  во 1931 година. По Втората светска војна неуморно работи како специјалист-педијатар во Детскиот диспанзер во Охрид, се до 1966 година кога со тешко срце заминува во пензија. Долго по пензионирањето, во домашни услови, поддржана од беспрекорната грижа на ќерката Регина, Д-р Елена без никаков материјален надоместок им даваше совети за лекување и превентивна заштита на здравјето не само на роднините, многубројните пријатели и соседи туку и на секој кој тоа ќе го побараше од неа.
   
Регина, ќерката на брачниот пар Каваеви, кратко време работеше како апотекар во Охрид и Битола. Но заради преголемата професионална ангажираност на мајката Д-р Елена и сопругот Аристотел-Тели Трендафилов, познат заболекар во Охрид, таа целосно му се посвети на семејството. Во домот беше задолжена да ги води финансиите, со голем вкус естетски да ја уредува куќата, да приредува приеми за гости од земјата и од странство, да ги негува блиските врски со многубројните роднини и пријатели и да организира прослави за верските празници. Блиските и пријателите и денес се сеќаваат на тие празнувања, посебно на 3 и 4 јуни, Свети Константин и Елена и Свети Јован Владимир кои достојно ги чествуваше како празници-имендени на родителите и по нивната смрт. Како премногу совесна ќерка, кратко по смртта на Д-р Елена во 1983г.,  таа од Загреб ги пренесе во Охрид посмртните остатоци од својот татко Д-р Владимир за да биде целото семејство на едно место, во една гробница. Уште тогаш си остави место и за својата слика…    

И по нејзината смрт остана празно тоа место. Регина, ќерката на Каваеви е погребана на гробиштата во Охрид во делот за верниците на Исламската верска заедница, без да и се оддаде достојна почит.
   
Роднините, многубројните пријатели, почитувачите на племенитите дела на Д-р Елена и  Д-р Владимир Каваев, од регионов и од странство, со вчудоневиденост гледаат на овој настан и се надеваат дека оваа неправда ќе биде исправена и дека семејството на докторите Каваеви заедно ќе почива во мир, а идните генерации со пиетет ќе можат да им оддаваат заслужна почит.
   
На сите пријатели и почитувачи на семејството на Д-р Елена и Д-р Владимир Каваев топло им се заблагодаруваме за искажаната поддршка.

Со достојна почит,
Поблиските и подалечните роднини и пријатели.