Од кога законите и правдата станаа растеглива категорија за премиерот Заев?
Еве конечно слушнавме, јасен кажан збор од страна на Премиерот Зоран Заев, дека Алипашината џамија е дивоградба.
Изјавува: „Знаеме дека има конзерваторско одобрение и знаеме исто така дека нема Дозвола за градба“…Нешто не е јасно.. Ние обичните граѓани знаеме дека каде што има дивоградба, согласно закон, има казна рушење и кривична казна…ништо друго…затоа не си градиме кој каде сака и кога сака, туку чекаме со години да добиеме дозвола за градба. Никој во институциите не ни верува на збор дека ќе добиеме само да почнеме со работа…ние обичните граѓани, попознати само како гласачи на избори, сме знаеле дека или има или нема Дозвола за градба.
Изјавува…„Охриѓани бидете спокојни, сопрена е работата на нелегалното минаре“…па Почитуван Премиер ние од таа спокојност, а институциите од незаинтересираниот и во дел од нив коруптивно однесување, во Охрид осамна нелегално минаре од 32 метри, за кое вие не убедувавте дека и не се гради, а имавте можност при прошетката во Охрид и сами да го видите со свои очи.
Изјавувате дека верувате на збор на ИВЗ и изведувачот дека ќе престанат со градење па и дека имате свои цивилни контроли од ваш кабинет кои ви кажуваат дали некои работници си тропкаат во дворот на џамијата и си тераат минарето до небесата. Не верувате или немате институции кои согласно закон треба да ви кажуваат и во најмала рака, да го забранат тропкањето среде центар и тоа на нелегална дивоградба…нешто не е јасно…па Господине Премиер и ние верувавме дека ќе престанат бидејќи сакаме да веруваме дека живееме во правна држава и дека институциите работат за она што се платени од народот.. но она што не знаевме е дека овде се верувало на зборот на поглаварот и изведувачот и тој бил пред и над се…нешто не е јасно…нејсе ќе видиме..
Но, она што го гледаме секојдневно ние Охриѓани, е непрестанување со работење, носење материјали во рани утрински или доцни вечерни часови, кои во се отстапуваат од конзерваторскиот проект, уништена ранохристијанската базилика со тешка механизација, материјал за градба кој не се совпаѓа со оној препишан за конзерваторски работи, во внатрешноста нацртани слики кои не содејствуваат со периодот кога е изградена, туку се со видлив арапски предзнак и сето тоа поткрепено со Извештаи од извршен Конзерваторски наод од Управа за Заштита на културното наследство. Искрено, ние обичните граѓани веруваме дека во правна држава, во држава која помина тежок пост транзициски и режимски период и која се стреми за влез во ЕУ и НАТО, каде зборот кажан и нема некое значење (знаејќи колку пати истиот е погазен од тие што најмалку треба да го прават тоа), туку затоа постојат законите и спроведувањето на правдата, кои се основните столбови на едно демократско општество.
Изјавувате бил сензитивен период…Прашуваме кога не бил за овој напатен народ…дали некогаш престанал и за кого е сензитивен… за вас??.за власта ??.. за успешни избори??..за опозицијата која гледаме дека нема став ама баш за ништо ??..или се работи за припадниците на муслиманската заедница кои треба да гласаат за Вас преку вашиот коалициски партнер..Викате треба да се земат во предвид чувствата.. е сега чии чувства ќе ги земете во предвид…извинете но тука нешто не е јасно.
Викате да не се расипе соживотот кој со години опстојувал… Прашање кој го посакува тоа??.. Ние сигурно НЕ…Дали ние кои реагиравме и реагираме да престане уништувањето на културно историскиот споменик Алипашина џамија и повикувавме за нејзина заштита со зачувување на нејзината автентичност или некој кој со кревањето на дивоградби околу Али пашина Џамија, тремови, чајни кујни, простории за муфтиството над ранохристијанска базилика и градење 32 метарско минаре покрај лукративни имал и верски интереси за внесување раздор, во дел од градот каде во непосредна околина живее исклучиво христијанско население и каде на само 50 метри има друга џамија каде верниците од муслиманска вероисповед веќе си ги практикуваат секојдневно своите верски обичаи. Значи останува прашањето кој има потреба од иритирање и провокација на населението како и видливо покажување надмоќ со нелегалната градба, со што сакале да признаеме или не се нарушува мирниот соживот и се нарушуваат нечии чувства, па оставаме на вас да процените чии.
Господине Премиер, најпрво како граѓани, жители на Охрид кој си го сакаат градот со срце и душа, потоа како Здружение на граѓани “СОВЕСТ” Ви укажуваме дека сме сведоци на Уништувањето на Охрид. Дивеењето на локалните моќници кои узурпираат и градат бесправни објекти во старото заштитено градско јадро континуирано продолжува, палењето и уништување на трската во крајбрежниот заштитен појас со кое се губи природниот резерват, како и дивоградбата Али пашина Џамија со 32 метарско минаре во заштитено градско јадро исто така придонесува да се изгуби Заштитата и бришење на градот од листата заштитени градови од страна на УНЕСКО.
Затоа, со целосна почит, Ве замолуваме за доброто на Охрид и граѓаните кои и даваат доверба на вашата чесност. Одлучете…Ќе промовирате и спроведувате правда и закони за сите или повторно граѓаните ќе треба да се вратат на добро познатата парола која сруши режим – “нема правда нема мир” и во која своевремено и Вие се колневте. Викавте никогаш да не се повтори. Ви верувавме затоа што како и Вие и ние години бевме сведоци на таа правда-неправда од бившата режимска власт. И НЕ. Верувајте не сакаме тоа да се повтори. Капката на толеранција е прелеана… ОХРИЃАНИ се крајно разочарани !!!
Сашо Михајлоски
Член на Здружение за зачувување на културни вредности “СОВЕСТ” Охрид
*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите