Изминаа точно 98 години од неговото раѓање. Борис Бојаџиски, роден охриѓанец, раскажувач, автор на пиеси, преведувач. За придонесот на Борис Бојаџиски во развојот на детската литература може многу да се пишува, бидејќи тој преку неговите раскази ја истакнува најзначајната особина на изразит детски раскажувач кој знае како да се доближи до детето, како да се соживее со него и како да навлезе во детскиот крајно едноставен и крајно сложен свет. Барајќи го трајното во писателското дело на Бојаџиски, тешко може да се заборави и неговата преведувачка активност, а со литературна активност започнал да се занимава уште додека бил во учителската академија во Шабац. Борис Бојаџиски е еден од првите македонски автори за деца. Ги има објавено книгите за деца: „Милка“, „Првите цутови“, „Чекори што не можеа да запрат“, „Денес, утре, задутре“, „Ронки“, „Галебово крило“. Освоил бројни награди за неговата литературна активност, а од позначајните е таа од 1950 година кога е одликуван со Указ на Владата на НРМ – „Радосно детство“.
Карактеристичен белег во расказите на Бојаџиски претставуваат архаизмите. Тоа се старомодни зборови за опишување на некоја појава и со тоа Бојаџиски, несомнено, го зачувал изворниот македонски јазик. Тоа пак, претставува позитивна одлика на стилот на пишување на Бојаџиски затоа што во денешно време македонскиот јазик изобилува со интернационализми кои секако дека имаат свои синоними во нашиот мајчин македонски јазик. Раскажувајќи за празниците и обичаите, за повредениот галеб, за болното дете, за предупредувањата од опасностите што демнат од детската игра, за пожртвуваноста, за другарството, авторот недвосмислено испраќа порака до најмладите читатели од чија содржина можат да научат и да бидат подготвени за предизвиците во нивното секојдневие. Ете затоа децата уште од најмали нозе треба да бидат внесени во светот на литературата, а соодветен пример за нивно упатување во тајните на пишаниот збор претставуваат расказите на Борис Бојаџиски. Неговото сликовито опишување им овозможува на децата да бидат внесени во светот на детските желби кои се големи колку „вселенски брод“, а постојани колку светлината, во животинскиот свет и неговата хиерархија, во раскази кои поттикнуваат на размислување и чиј заклучок доаѓа спонтано. Меморирањето на чувствата, сеќавањата, спомените за времето што поминало, за почетокот на современиот начин на живот во поствоено опкружување е исто така карактеристика на расказите на Бојаџиски во кои дејството се случува последично, односно настаните надоврзувајќи се еден на друг, водат од поедноставни кон посложени ситуации со што се остава подобар впечаток и можност за нивно репродуцирање од страна на децата. Учењето за децата е најефективно кога тоа се поткрепува со примери, кога практично им се објаснува. Па така, во тој контекст се подучувачките раскази на Бојаџиски од кои децата можат да научат за настанувањето на светлината, за добивањето електрична енергија, за вистинската употреба на парите, за значењето на другарството, за непишаните закони на природата. И сосем спонтано доаѓа и расказот за слободата, од чија содржина може да се извлече заклучокот со прашање: Има ли нешто поубаво од слободата? Слободно да говориме, слободно да твориме, слободно да живееме… Само слободата може да биде поттик за креативно мислење и изразување, па затоа и Бојаџиски ја опишува преку неговите раскази сугерирајќи дека „само слободата таква песна пее“, песна нежна, милозвучна, прекрасна, „никогаш порано не запеана, никогаш дотогаш нечуена…“ Чувствата на љубов и приврзаност кон татковината се изразени во слободарски дух, а на тој начин е меморирано едно време што сега е историја и радосните мигови што децата ги доживуваат во ослободената татковина, приклучувајќи се кон редовите на пионерската организација. Посебна карактеристика на расказите на Бојаџиски се раскошните описи на природата, личностите и средината во кои се одвива дејството. „Месечината, полна и насмеана, се провираше низ ветките на сливата и ги шараше насобраните другари под неа. Штурците во полето неуморно свиреа. А овде – онде како фенерчиња де светкаа де гаснеа светулки.“ Преобразбата што може да се случи со труд, упорност и работна дисциплина може многу да помогне во совладување на тешкотиите на патот кон освојување на нови знаења. Во таков амбиент по стара навика, се собираа другарите, а Ванчо како најдобар ученик раскажуваше за трпеливоста при извршувањето на задачите, индиректно повторувајќи ја поговорката: Тоа што можеш денес не оставај го за утре. Со таквиот пристап преку расказите, Бојаџиски им остава на децата вредна порака искажана на сликовит начин, со одмерено избрани ситуации, својствени на детските чувства, секојдневие и навики. Многу сликовито е предаден и ликот на малиот виновник Даме, кој свесен за својата лоша замисла што можеше да го однесе во смрт едно невино дете, се обидува да ја поправи грешката, а со тоа повторно изнесувајќи ја пораката од расказот како значајна патеводителка низ секојдневните ситуации во кои се најдуваат децата со своето однесување. Средбата со повреденото дете значи прифаќање на вината и внесува сила да побара прошка: „Срцето на Даме силно тупкаше… Како да му пресуши гласот. Не знаеше како да почне. Најпосле одвај отвори уста:
– Аљуш… Прости ми!… Јас те удрив.“
Откривањето на самољубието во себеси претставува значаен чекор напред кон градењето на љубовта помеѓу браќата и сестрите. Токму преку расказот во кој Бојаџиски ги изнесува сомнежите на постариот брат кон родителската љубов, тој обелоденува многу од ситуациите во кои може да се најде едно семејство кога има нов член, а преку овој расказ авторот индиректно ги кани читателите (децата) да се вклучат во разрешувањето на непријатностите ставајќи се во положбата на Данчо и наоѓајќи решение, кое недвосмислено доаѓа пред крајот од текстот со сфаќањето за големината на родителската љубов еднаква кон секое дете, и за богатството од братска или сестринска поддршка. Водејќи го читателот од случка до случка, од сцена до сцена, писателот ја опишува посветеноста на активноста на најмладите во исполнувањето на некоја нивна замисла, а со самото потврдување на позитивната активност на детските замисли во расказите, Бојаџиски повторно го оживува споменот на добродетелта.
Речениците му се јасни, концизни и богати по мислите што ги изразуваат. Секој расказ изобилува со силни и разнообразни чувства. Наизменично се јавуваат тагата и радоста, чувството на одговорност и чувството на гордост по завршената работа, немирите и возбудувањата карактеристични за сите деца. Прикажувањето на позитивни личности во расказите на Бојаџиски, изразено преку нивните постапки пренесува и внесува кај децата особини кои треба да бидат карактеристични за нивното однесување. Возбудливиот тон на раскажување внесува возбуда кај читателот при што тој не може да остане рамнодушен кон немирите и доживувањата на јунаците. Читајќи ги расказите со социјална тематика, кај децата се создава чувство на одбивност кон неправдата и злобата, а се будат чувствата на правдољубивост и добрина. Ликовите на јунаците авторот ги прикажал реалистично и токму поради тоа тие будат љубов и сочувство.
Сиве овие карактеристики со кои се одликува творештвото на Борис Бојаџиски го ставаат во редот на автори кои недвосмислено, сигурно зачекориле кон развојот на детската литература. Затоа со право може да се каже дека Борис Бојаџиски бил и останува да биде плоден и афирмиран автор, ценет општественик и културен работник.